Митева: Нов криминал тежок над 2 милиони евра на ДУИ и СДС за косење трева и дрвја на патен појас

На милионите испумпани пари од буџетот на државата за успешно да владее криминалот и корупцијата на ДУИ и СДС им нема крај!

Директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ Ејуп Рустеми склучил договор за тендер со фирма од Кичево за косење на трева, кастрење на гранки и сечење на дрвја во патен појас и тоа во вредност од над 2 милиони евра, истакна на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Марија Митева.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Ова е договорот и негова основна цел е цитирам: косење на трева, плевел, грмушки, кастрење на гранки и сечење на дрва во патен појас, чистење и собирање на смет во времетраење од 2 години, за потребите на ЈП Државни патишта, а согласно техничката спецификација договорот е ни помалку, ни повеќе, туку 2 милиони и 400 илјади евра.

Додека од еден министер за образование кои исто така е од редовите на ДУИ слушаме дека власта нема пари да обезбеди учебници, друг директор исто од редовите на ДУИ има пари и троши над 2 милиони евра за косење на трева и сечење на дрва на патен појас.

Како власта на ДУИ и СДС која нема никакви резултати во патната инфраструктура, ниту еден километар нов автопат, одлучува дека баш сега е најповолно време за уредување на патниот појас? На ова прашање почитувани, одговорот е веќе јасен – очигледно е дека ДУИ и СДС ќе најдат начин за криминал и во најситните и можеби не приоритетни дејности во моментот само за задоволување на своите бизнис интереси.

Дали веќе спроведената шема на владата преку ЈПДП за вршењето на надзорот на коридорите 8 и 10Д во вредност од 22 милиони евра им беше показател дека токму преку ова државно претпријатие можат да ги испумпуваат буџетските средства сега во вредност од 2 милиони евра повторувам за косење трева и сечење дрва на патниот појас.

Почитувани,

Хипокризијата на власта оди дотаму што од една страна денес Ковачевски се слика по маркети и проверува замрзнати цени, а од друга страна парите за вакви криминални тендери во вредност од над 2 милиони евра се и те како одмрзнати.

извор: ВМРО ДПМНЕ