Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им додели медали на домашните и странските спасувачки тимови кои придонесоа во напорите за потрага и спасување по силниот земјотрес што ја погоди јужна Туркије на 6 февруари, во кој загинаа над 50.000 луѓе,јавува Анадолу.
Mедал им беше врачен и на македонските спасувачи кои учествуваа во потрагата и спасувањето на настраданите од катастрофалниот земјотрес што се случи на почетокот на февруари во Кахраманмараш и Хатај.
„Денеска им врачуваме медали на домашните и странските тимови за потрага и спасување кои се жртвуваа по земјотресот на 6 февруари“, рече Ердоган на церемонијата на доделување на претседателските медали и ордени за истакната хуманитарна работа.
Тој рече дека 55.000 луѓе, кои станаа „симбол на борбата“ по земјотресот, ќе бидат наградени со медали и ордени.
Наведувајќи дека земјотресите беа една од најразорните природни катастрофи не само во Туркије, туку и во историјата на човештвото, Ердоган рече:
„Се молиме ниту нашата земја, ниту која било друга земја во светот да не се соочи со катастрофи како онаа што се случи на 6 февруари. Не сакаме никој да поминува низ она што ние го доживеавме.“
Ердоган истакна дека 11.320 луѓе од 90 држави дошле во Туркије по земјотресот, а 60 држави и меѓународни организации испратиле околу 250.000 шатори во подрачјето, и нагласи: „Ги знаеме сите наши вистински пријатели.“
„Ќе продолжиме со нашите напори сè додека раните целосно не се залечат и трагите од земјотресот целосно не се избришат“, додаде турскиот претседател.
извор:Анадолу.