Матичните лекари ќе може да препишуваат терапија за висок притисок, дијабетес, астма, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам. Оваа новина во примарната здравствена заштита денеска ја најавија министерот за здравство Фатмир Меџити и д-р Злате мехмедовиќ, координатор на реформите за примарна заштита во МЗ.
Неделава ја посветуваме на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од СЗО, завршена е едукацијата за 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови и во следните неколку дена планираме посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску да ги запознаеме пациентите и докторите со овие новини, изјави Меџити.
На овој начин се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија, објасни министерот. Потребно е, кажа Меџити, да се обезбедат специјализации по семејна медицина за матичните лекари.
Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и слично, појасни министерот.
Сите овие активности се реформска мерка и се дел во програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023 -2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028 година.
На овој начин правиме децентрализација на здравство, тоа што не успеавме со општините, рече Меџити.
Реферомите кои беа денеска најави ќе треба да се спроведат во следните три години.
Хипертензијата и дијабетесот обично се дијагностицираат доцна, со манифестирани симптоми или развиени компликации во болнички услови. Оваа анализа покажа дека пациентите што ќе бидат дијагностицирани како дијабетичари или хипертоничари, се на третман со лекови. Сепак во студијата 27 отсто од оние кои беа идентификувани со трет трет степен на хипертензија и 41 отсто од оние кои беа откриени со хипертензија од втор степен, беа на монотерапија во времето на прегледот на медицинските податоци, изјави д-р Мехмедовиќ.
Д-р Мехемдовиќ најави дека и прегледот кај матичниот лекар ќе може да се закажува онлајн, секој индивидуално, преку Мој термин.
Закажувањето кај матичен лекар нема да важи секаде и секогаш. Во работата на матичните лекари со хронични пациенти и со итни случаи, ќе се остават термини за прегледи на останати пациенти, рече д-р Мехмедовиќ.
фото: Архива