Американските знамиња во Иран се вистинска реткост. Ако се појават во јавност, тогаш се во негативен контекст. САД со децении се познати како крвен непријател на Исламската Република Иран.
Но, во една фабрика во Хомеин, на триста километри од Техеран, сè е полно со знамиња на заколнатиот непријател.
Од почетокот на новата војна во Израел, тие работат дење и ноќе. Побарувачката за американски знамиња е зголемена. Но, не за странскиот, туку за домашниот пазар, каде знамињата со ѕвезди и црвено-бели риги завршуваат на антиамерикански протести, газени и запалени.
Знамиња на Израел со дополнителна порака
Најголем промет со американски знамиња фабриката оствари за годишнината од исламската револуција. Но, војната во Израел го зголеми бројот на демонстрации, а со тоа и побарувачката.
Покрај американските знамиња, хит се и израелските знамиња со дополнителен натпис на персиски „Смрт за Израел“.
Директорот на фабриката Аболфаси Хандаџани (39) вели дека во странство се претерува со сликите од протести и палењето знамиња.
„Изгледа многу подраматично отколку што е всушност“, вели претприемачот, посочувајќи дека неговата компанија произведува и други знамиња. Се разбира, ирански знамиња, но и знамиња на Хезболах.
Околу 120 вработени прават 3,5 милиони знамиња годишно.