Амнестијата и интерпелацијата на Јовески на собраниска седница

Предлог законот за амнестија, предложен по скратена постапка од министерот за правда Кренар Лога, е на дневен ред денешната 129-та седница на Собранието на Република Северна Македонија. Предложениот закон е 26-та точка на дневниот ред. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ со цел да изземат од амнестирање осудените од предметот „Монструм“, објави slobodnaevropa.mk.

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на еверна Македонија и казната ја издржува во Северна Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот на Република Северна Македонија.

На денешната 129- та собраниска седница, меѓу точките на дневниот ред се и Предлогот за интерпелација за работата на државниот обвинител Љубомир Јовески, поднесен од пратеници од опозицијата, како и Предлогот за избор на член на Државната изборна комисија

Интерпелацијата на Јовески е ставена како 28-ма точка на дневниот ред на седницата.

Предлагачите на интерпелацијата објавена на собраниската веб страна-Африм Гаши, Изет Меџити, Кастриот Реџепи, Мерита Колчи Коџаџику, Сафије Садики Шаини, Фадил Зендели и Хусни Исмаили посочуваат дека таа се засновува на сериозните тврдења дека од страна на Обвинителството се сокриле факти и информации во текот на целата постапка, се покренува обвинение за трети лица наместо да се утврдат главните виновници, со цел, како што велат, да бидат заштитени одредени политичари и припадници на бизнис елитите, кои што биле вклучени во изградбата на модуларните болници за време на пандемијата.

извор: slobodnaevropa.mk