Под влијание на уште постуден воздушен бран од север и од североисток, од утре (недела), па и во почетокот на следната седмица температурите ќе опаднат за 4 до 8 степени во однос на сегашните, а облачноста ќе се зголемува и ќе има појава на повремен локален дожд, додека на планините повремено ќе врне снег, со што е можна појава и на првата снежна покривка за оваа сезона таму, иако истата ќе биде тенка.
Повремено ќе дува слаб до умерен ветер од источен и од југоисточен правец.
И во Скопскиот регион следува значително постудено време во следниот период, а облачноста ќе се зголеми, и ќе има услови за повремен локален дожд со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Наутро, особено утре (недела), како и во понеделник температурите повторно ќе бидат особено ниски и на повеќе места низ Македонија ќе се спуштаат под нулата, додека особено во Беровскиот регион температурата се очекува да се спушти до околу -7, -8 степени.
Што се однесува до максимални дневни температури, утре (недела), како и во почетокот на следната седмица ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 14 степени. Во Скопје наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓу -2 и 1 степен, додека максималната дневна ќе се искачува до околу 14 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.