Денеска (13.12.2023) Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција, во којa беше сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје и едно лице од Тетово, кои подолг временски период беа инволвирани во вршење на кривични дела од областа на економски криминал и кривични дела против културно наследство.
Во текот на денот, по добиени судски наредби, извршени се претреси кај 11 физички лица (10 во Скопје и едно во Тетово), а во тек се претреси во девет правни субјекти во Скопје. Притоа, од слобода се лишени девет лица, додека по две лица се трага. Притоа пронајдена е и одземена документација, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди, растителна материја, два пиштоли, муниција, пари во различни валути.
Единицата за финансиски истраги во Секторот за криминалистички истраги при ОСОСК по спроведените претреси и пронајдени предмети, како и врз основа на претходно обезбедени материјални докази, до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 лица (10 од Скопје и едно лице од Тетово), на возраст од 31 до 64 години, поради сомнение за извршени кривични дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.
Имено, прво пријавениот М.Љ., во својство на службено лице—претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година, со неизвршување на својата службена должност за заштита на деловниот простор од значење за Републиката и со намера да прибави за себе и за членовите на злосторничкото здружување противправна имотна корист, извршил противправно рушење, односно уништување на автентичниот објект Хотел ,,Шар Ан“, кој како дел од Старата скопска чаршија со Закон е прогласен за културно наследство. М.Љ., иако знаел дека автентичниот објект е културно наследство во сопственост на РСМ со право на стопанисување на акционерското друштво, заедно со С.Љ., вработен во правно лице и К.Д., советник во НУ Конзерваторски центар Скопје, формирал злосторничко здружување и заедно со неговите членови: Б.М., управител во правно лице и сопственик на правен субјект од Скопје, Н.И., како и Б.Е., сопственик и управител на правно лице и И.Е., вработен во истото правно лице, преземале низа противправни дејствија за противправно рушење, односно уништување на автентичниот објект Хотел ,,Шар Ан“.
Потоа, тие заедно со останатите членови на злосторничкото здружување: К.Ч., поранешен директор на НУ Конзерваторски центар Скопје, А.А., поранешен в.д директор на Управа за заштита на културно наследство и А.У., поранешен заменик на генералниот директор во Агенција за катастар на недвижности, иако знаеле дека не постои правен основ за упис на промена во Агенцијата, подготвиле документација која ја искористиле со помош на С.С., вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, да извршат противправен упис на промена на имотниот лист од градежно изградено во градежно неизградено земјиште и да го променат односно избришат објектот и правото на стопанисување на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор.
Со наведените противправни активности, понатаму би се овозможиле понатамошни противправни дејствија од страна на членовите на здружувањето, а С.Љ. да се впише како сопственик на катастарската парцела, со што организаторите би се стекнале со противправна имотна корист за себе и за членовите на злосторничкото здружување, а на државата ѝ нанеле непроценлива штета по однос на статусот на културното наследство, во износ од 180.000.000 денари, информираат од МВР.