Германија: само „леб, кревет и сапун“ за барателите на азил?

Пратеничката група на Алтернатива за Германија (АфД) во Бундестагот на една вонредна седница пред крајот на парламентарната летна пауза го дефинираше фокусот на својата работа во наредните месеци, во пресрет на следните сојузни избори, кои треба да се одржат на крајот на септември 2025 година.

Судејќи според содржината на усвоениот документ во кој се наведени главните позиции на политиката на АфД, членовите на пратеничката група во наредниот период сакаат да се концентрираат пред сѐ на три области: прашањето за внатрешната безбедност, економската и социјалната политика.

Според раководството на пратеничката група на АфД, доминантна тема е прашањето за миграцијата. Потпретседателот на пратеничката група, Тино Хрупала, во овој контекст рече дека миграцијата е „мајката на сите проблеми“. Овој израз веќе ѝ е познат на германската јавност. Пред неколку години тогашниот сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го означи миграциското прашање како „мајка на сите политички проблеми во оваа земја“.

Тоа беше во 2018 година. Зехофер (ЦСУ) тогаш беше министер во владата на Ангела Меркел (ЦДУ).

„Леб, кревет и сапун“
Во усвоениот документ, пратеничката група на АфД повторно го става акцентот на своите веќе познати позиции, а меѓу другото бара одвраќање на мигрантите на германските граници, депортација на лицата чие барање за давање азил е „одбиено“, а доколку е „потребно“ и поставување на огради на границите. Што се однесува до лицата кои со себе немаат валидни лични документи, воопшто не треба да се отвора постапка за проверка на правото на азил.

Освен тоа, АфД во усвоениот документ се залага за намалување на даночното оптоварување, враќање на нуклеарната енергија и продолжување на работниот век на електраните на јаглен. Пратеничката група на АфД ги брани моторите со внатрешно согорување, односно системите за греење (домаќинства и сл.) базирани на нафта и гас за греење.

Што се однесува до социјалната политика, членовите на пратеничката група на АфД бараат: „Бургергелд само за Германците“ (Бургергелд е социјална помош за оние луѓе кои, врз основа на сопствените приходи, не можат да обезбедат достоинствен живот), а за барателите на азил и за бегалците само – материјални бенефиции, а не парични трансфери. Сето тоа, како што велат од АфД „по принципот „леб, кревет и сапун“.

Вајдел го споменува апсолутното мнозинство
Лидерката на АфД и шефица на пратеничката група, Алис Вајдел, ја нападна таканаречената семафор-коалицијата, а во контекст на актуелните истражувања на јавното мислење, владата на СПД, Зелените и ФДП ја нарече „малцинска“.

Владата мора да се повлече, смета таа. Вајдел ја обвини Унијата ЦДУ/ЦСУ дека препишува од програмата на АфД во однос на миграциската политика.

Вајдел ги дефинираше и повеќе од амбициозните цели на АфД на претстојните избори во покраината Бранденбург (22.09.2024) и за претстојните сојузни избори: тие се движат во насока на „апсолутно мнозинство“, рече таа. И додаде дека само со АфД е можен „вистински пресврт по прашањето за азилот“.

Тековните и репрезентативните истражувања на јавното мислење предвидуваат дека АфД ќе освои 27 отсто од гласовите. Што се однесува до рејтингот на национално, сојузно ниво, АфД во моментов ужива поддршка од 19 отсто од гласачите.

 

DW