На 4 октомври застарува затворската казна на Груевски за набавката на „мерцедесот“

Поранешниот премиер Никола Груевски нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, бидејќи на 4 октомври поминуваат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот мерцедес.

За истиот предмет поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја одлежа законската казна од 4 години, а поранешниот заменик министер Ѓоко Поповски одлежа 4, 6 години во затвор.

Контроверзните измени на Кривичниот законик направени во септември лани ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери и нивни блиски соработници кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство.

Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик на Груевски му застареа предметите ТНТ- за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“ – за провизиите за изградба на автопатиштата. Поранешниот премиер останува обвинет уште во предметите за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ -„Талир 1“ и „Талир 2“ и во случајот „Титаник“, каде е обвинет дека злоупотребил средства за финансирање на изборната кампања и го повредил избирачкото право.

На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година. Најдоцна му застаруваат деветте години затвор за случајот „Плацеви на Водно“ во 2043 година.

Груевски побегна во Унгарија пред шест години и таму доби политички азил.

извор:slobodnaevropa.mk