Таравари: Докторите специјалисти од приватното ќе можат повторно да се вратат во јавното здравство

0
14

Пред три недели на седница на Владата е тргната забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство и наскоро ќе може да работат во јавните здравствени установи, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција по повод 100 дена нова Влада „100 % посветени! За тебе“.

Таравари кажа дека постоела забрана од Владата од август 2022, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните, но пред три недели на Влада поминао барањето да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство се подготвува правилник.

Не може сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба и тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство, изјави Таравари.

Министерот кажа дека нему лично му се јавиле околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава.

Полека почнуваме да ги враќаме. За 10 дена како тече процедурата во Министерсвото така ќе биде готов правилникот, изјави Таравари.

Претходно, на средба со новинарите Таравари изјави дека доктори од приватното здравство покажуваат интерес да се вратат во јавните здравствени установи.

„Ние како Влада ќе побараме решение како да вратиме одредени експерти кои имаат над 10- годишно искуство како специјалисти и супспецијалисти во клиники и болници каде што имаме недостаток на кадар. Гледаме дека има интерес од докторите што укажува на тоа дека се враќа довербата во јавноздравствените установи“, изјави Таравари на прес-конференција во август.