.Дали верзијата за текот на настаните на 27-ми ноември што ја презентираа надлежните во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е поблиску или подалеку од првично споделените сознанија? Дилемата ја наметна „Портал икс“, кој синоќа објави дека обезбедиле снимки кои покажуваат оти на 27-ми ноември во 7 и 55 часот двете возила кои поврзани со грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска поминуваат на улицата број еден во населбата Визбегово. На снимките се гледа возилото марка „ситроен“ кое според изгледот се совпаѓа со она на велешанецот Панче Жежовски, а кое според надлежните, односно исказите на дел од осомничените било употребено при грабнувањето на Ѓорчевска. На снимката се гледа дека пред него се движи возило возило „рено кангу“. Таквото движење на двете возила „едно пред друго” беше соопштено и на заедничката прес-конференција на министерот за внатрешни работи и шефот на скопското јавно обвинителство, објави dw.com.
На снимката се гледа дека во „ситроенот” има лице и на совозачкото место. Патот низ населбата во која е снимено движењето на двете возила води и кон местото на кое истиот ден (27.11) се најдени остатоци од опожарениот „ситроен“. Според објаснувањето на надлежните вклучени во предистрагата, дотогаш полицијата сѐ уште немала утврдено поврзаност меѓу исчезнувањето на Панче Жежовски и употребата на неговото возило за грабнување на Ѓорчевска.
На друга снимка што ја објави порталот, во 9:37 часот во далечината се забележува облак од чад, кој според медиумот доаѓал од истиот правец каде истиот ден подоцна се најдени остатоците од опожареното возило. За најденото опожарено возило МВР на РСМ информираше следниот ден, на 28-ми ноември.
„На 27.11.2023 било пријавено дека во 15.40 часот во с.Бразда, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Мирковци пронашле целосно опожарено патничко возило. До возилото била пронајдена регистарска табличка со велешка ознака, за која, по извршени проверки, било констатирано дека припаѓа на патничко возило „цитроен“, сопственост на П.Ж. од Велес, за кој на 24.11.2023 во СВР Велес беше пријавено дека се оддалечил од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, беше наведено во соопштението на МВР.
Зошто ја избрале Вања?
Во интерес на истрагата, од ОЈО не соопштуваат дали извештаите на Судска медицина по обдукцијата – за времето на убиствата, и начинот на кој се извршени – го потврдуваат она што во исказите го навеле дел од осомничените.
Доколку на снимката прикажана од „Портал икс“ е веродостојно времето во кое е регистрирано движењето на двете возила низ Визбегово, тоа е 40 минути пред мајката на Вања Ѓорчевска да го пријави нејзиното исчезнување (8 и 35 часот), тоа индицира дека рутата на грабнувачите кон селото Бразда била однапред договoрена. Односно, дека не се должела на можна паника создадена кај нив од сензибилизирање на јавноста по јавно објавена информација за исчезнување на детето, бидејќи во тој момент таква информација во јавноста сѐ уште немало.