Во Грција се урна хеликоптер кој учествувал во гаснење на пожарот на грчкиот остров Самос

Хеликоптер со четиричлен екипаж, кој учествувал во гаснење на пожарот на грчкиот остров Самос, попладнево се урна во море, а спасено е едно лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека станува збор за хеликоптер од типот ER-MHY (Mi-8 MTV-1) кои тие го изнајмиле да помага во пожарот, а од членовите на екипажот тројца се странски државјани и еден Грк.

Тие додаваат дека во спасувачката акција, што е во тек, спасен е еден член на екипажот.

Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека е спасено уште едно лица, односно вкупно двајца од четворицата членови на екипажот.

Според грчката телевизија ЕРТ, хеликоптерот паднал од мала височина, односно кусо откако наполнил вода од морето и во моментите кога почнал да се оддалечува од површината.

извор: МИА