„Мебелот може да ‘живее’ повеќе животи“

Посебноста на мебелот како изработка е тој да ги впие приказните и лузните на времето кое одминува, на еден дом да му подари топлина, да го зачувува споменот на луѓето кои не се повеќе помеѓу нас, а најзначајна е неговата способност да „живее“ повеќе животи. Во ова силно веруваат Надица Кипровска и Орхидеја Огњановска, две пријателки од Скопје.

Тие за Агенција Анадолија (АА) раскажаа за својата идеја што се создала пред 8 години, пречките при будењето на старите спомени и возбудата при давањето нова шанса со редизајнирање на мебел создаден пред еден век, за повторно да заживее во нечиј дом.

Секое парче мебел е уникатно, приказна сама за себе. Процесот на редизајнирање најпрво започнува со откривање на потеклото на мебелот, запознавање со карактерот и вкусот на човекот кој сака да го користи, сè со цел старото парче мебел совршено да се вклопи помеѓу денешниот модерен дизајн на мебел.

„Ако е благо оштетено го санираме дрвото, со повеќе техники зависи од оштетувањето, потоа се струга. Па се бојадисува, се лакира, има повеќе фази, обично менуваме рачки. Зависи“, велат Огњановска и Кипровска.

– Редизајн на мебел стар повеќе од еден век –

Најстарото парче мебел што Огњановска и Кипровска го редизајнирале е изработено пред 125 години, а нареден предизвик е редизајн на сандак којшто е стар речиси 150 години.

Покрај зачувување на спомените, особено ги радува тоа што со редизајнот на стариот мебел придонесуваат и за зачувување на животната средина, со тоа што приказната на едно парче мебел не завршува на отпад, туку е редизајнирано и може повторно да се користи. Таква е приказната со наткасната создадена пред 70 години, која ја купил Французин и отпатувала надвор од границите на земјата.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА)

фото: Агенција Анадолија (АА)