DW: Што предвидува даночната реформа: придонеси за хонорарците и оданочување на штедните влогови?

Над 54 милиони евра годишно се очекува да се слеат во државната каса од новите даноци, коишто треба да стартуваат од 1 јануари идната година. За прогресивниот данок допрва ќе се расправа.

Над 54 милиони евра се очекува да се слеат годишно во државната каса од новите даноци, коишто треба да стартуваат од 1 јануари идната година. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на денешниот брифинг со новинарите ги презентираше даночните реформи, со кои е предвидено да се плаќаат придонеси за договорите на дело, како и воведување данок на каматите на штедните влогови. Па така, ако некој има заштеда од 100.000 денари со камата од 2 процента, приходот од камата ќе му биде 2.000 денари, а данокот од 10 проценти значат само 200 денари, вели Бесими.

Одредбата според која личниот доход над 90.000 денари треба да се оданочува со стапка од 18 проценти, според најавите може да се ревидира, одложи или пак воопшто да нема прогресивен данок. „Дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата. Исто така, ќе се работи интензивно и намалување на сивата економија и на подобрување на услугите во јавниот сектор“, порача министерот Бесими на средбата со новинарите по повод почетокот на јавната дискусија за даночните реформи.
Деновиве се отвори јавна дебата за реформа во даночниот систем. Министерството за финансии имаше средби со претставници на бизнис заедницата, група со најширок опфат и спектар на интереси, а дебатата ќе продолжи со сите општествени чинители. Министерот за финансии викендов преку колумна го презентираше концептот на даночната реформа, кој е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Во јавноста, пак, има полемики и спротивставени мислења за тоа кој добива, а кој губи од даночните реформи.

Голема фискална реформа

Бесими најавува голема фискална реформа, или СМАРТ систем на јавни финансии. Овој систем ќе игра значајна улога во заздравувањето на економијата од кризата со која се соочуваме изминатите две години. Понатаму, тој ќе продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На расходната страна ќе се воведат механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност.

„На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии, вели Бесими.

Концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаат својот „фер дел“ (праведен дел). „Ова е реално најисправниот начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример антикризните пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг“, вели министерот за финансии.

Суштина на даночната реформа која се предлага е праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено“ оданочување. Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување, со кое придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси со цел да се постигне одржлив економски развој.

За и против

Бесими вели дека во процесот на даночната реформа, јавната дебата, но и понатаму во дизајнот на предлозите, ќе има многу „за“ и „против“, лоби групи, заинтересирани страни. Несомнено, многумина ќе си ги бранат индивидуалните интереси.

„Секогаш постоела одбивност, спротивставеност, па дури и некој вид страв, од даночни реформи. Така било и во услови на рецесија и кога се постигнувале највисоки стапки на раст. Така е и на секаде во светот“, вели Славко Лазовски од Центарот за даночна политика за ДВ.

Но, според него, даночната историја не учи дека на сите им било подобро по спроведената даночна реформа. „Ние, денес, не можеме да си го замислиме светот, тој свет не би бил ваков, доколку не правеле даночни реформи. Значи, неопходната од даночни реформи е неспорна“, додава тој.

Кој губи?

Но, кој е тој што вистински треба да се плаши од даночните реформи? Кој реално губи, а кој добива од даночните реформи?

„Ако е погледнеме структурата на населението, наједноставно: децата и младите, вработените ( наемните работници), пензионерите и тн. . ќе видиме дека во Македонија оние 3, 2% од населението имаат основа да бидат реално загрижени за чепнувањето од нивните високи, превисоки доходи. Иако, тоа мало чепнување, по сосема кратко време, нив и само на нив, ќе им донесе уште поголеми доходи“, дециден е Лазовски.

За него е несфатливо како може вработените, пензионерите, па и „оние 450.000 наши сограѓани кои не знаат дали следниот ден ќе имаат доволно да се нахранат“, сите тие се противат на даночните реформи.

Но, губитници реално нема. Единствени ,,губитници“ се политичарите. Тие се најголеми противници на даноците, па и на даночните реформи, вели Лазовски.

„Зар некој до толку може да биде политички слеп, па да не изведе заклучок дека политичар кој зборува за ниски даноци, тој се подготвува за автократски да владее. Тој ,,отворено“ кажува: „Малку ќе ви земам, ама не гледајте што правам. Или ‘прави непринципиелна коалиција со бизнисот и си тера режим’. Тој не се плаши од граѓаните, штом оние со високи доходи ги има на своја страна. Затоа, јас размислувам на следниот начин: „Штом има политичка подготвеност за даночна реформа, веднаш да се оди на реформа. Тоа не значи, паф – пуф, на брзина, туку темелно подготвена даночна реформа“, укажува даночниот експерт.

Кој добива?

Според Лазовски, најголема придобивка е тоа што секое подобрување во даноците внесува нов квалитет во целиот сектор на јавните финансии: буџетот, јавниот долг, јавните набавки и државната помош. „Поконкретно: има оправдување на оданочувањето на каматите, затоа што е доход со кој се располага и како секој вид доход, треба да се оданочи. На примањата од договорите на привремено и повремено работење зошто да не се плаќа придонеси? Зошто да не се плаќаат ,,зелени“ даноци, кога е очигледно дека мораме да браниме од климатските промени. И да не заборавиме, дека со собирањето на повеќе даноци се создаваат услови за остварување на основната задача на даноците – обезбедување на средства за развој“, укажува соговорникот на ДВ.

Според него, токму големите даноци се заштита од корупција и организиран криминал. Но, Лазовски смета дека треба да се смени редоследот на реформирање, па тој би тргнал од трите најголеми слабости на македонскиот даночен систем.

„Прво, направивме премногу бавен даночен систем, а брзината природно е наша најголема компаративна предност, како мала земја. Како второ, не се почитуваат во доволна мера правата и правните интереси на даночните обврзници и како трето – тесна даночна структура (5 видови даноци на национално ниво и 5 на локално). На пример Бугарија има 29 видови даноци, а Германија 32“, вели Лазовски.

Даночниот експерт смета дека е прашање дали воопшто станува збор за даночна реформа или само за одредени подобрувања во оданочувањето. Во секој случај, укажува дека промените во даноците мора особено да бидат сериозно разгледани од сите страни анализирани и претпазливо подготвени.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, Концептот, што е во нацрт верзија, е изработен низ транспарентен и инклузивен процес, почнувајќи од февруари 2022 година со вклученост на претставници од бизнис и академската заедница во работните групи, при што се направени сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем и најдобрите европски практики. Исто така, при конципирањето на предложените решенија земени се предвид и препораките од меѓународните организации како ММФ, Светска банка, ОЕЦД и ЕУ.

 

Дојче Веле