Мицкоски: Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи младите да останат во Македонија, на енергетска независност, ниски даноци и силно образование и здравство, тоа е нашата борба

Што направивме, што денеска се случува и што е она кое што ќе го направиме во периодот кој што следи бидејќи нова генерација политичари во Македонија, нова генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ е честа, обврската и привилегијата е да го брани најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ. И тоа можеби е голем предизвик, но јас сум убеден дека сите ние можеме да одговориме на тој предизвик она како што знаеме и умееме, цврсто, храбро и мотивирано и да го одбраниме македонскиот народ, вели проф. д-р Христијан Мицкоски на денешниот Научен симпозиум 129 години ВМРО „БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА КОЈА ТРАЕ“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски нагласи дека граѓаните очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ како наследник на организацијата да ги преземе сите чекори за обезбедување на иднина на граѓаните, и покрај тоа што на централно ниво е опозиција, потенцирајќи дека за тоа е потребен општествен договор за кој што зборувал минатата година на Конгресот.

Јас ќе зборувам за сегашноста, но и за иднина бидејќи мораме да имаме план, визија и стратегија како да стигнеме до иднината. Тоа е суштината, затоа што македонскиот народот и граѓаните во Македонија Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, сите оние кои што денеска живеат во Македонија сакаат да знаат што понатаму во иднината и каков план има ВМРО-ДПМНЕ како наследник на организацијата и кои се чекорите кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе  ги преземе за таа иднина, бидејќи денеска секој еден очекува од ВМРО-ДПМНЕ државничко и одговорно однесување, без разлика што на централно ниво сме опозицијата. И тоа е привилегија, но и голема одговорност, затоа што иднината е она за кое сите ние треба да се бориме. Да обезбедиме иднина на поколенијата после нас, а  за тоа ни треба еден голем општествен договор за кој што зборував на последниот Конгрес минатиот декември. Велевме обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, различни структури на луѓе, младите, кон оние кои што се во посериозни години, кај професорите, работниците, адвокатите, докторите, медицинските лица, кај сите оние буквално кои што во општеството се уште не го дале својот последен збор, бидејќи и таква е критиката дека некако политички партии се затворени и некако како да не дозволуваат овие силни општествени слоеви да пренесат силно општествена енергија внатре во политичките партии. А ВМРО-ДПМНЕ преку овој нов општествен договор сака таа енергија да ја ослободи и да ја обедини преку главниот столб, а тоа е ВМРО-ДПМЕН и потоа како иднина влада која што ќе го има јас сум убеден мнозинството во парламентот, таа енергија да ја ослободи во општеството, и преку таа енергија да ги донесе промените кои што им се потребни на сите граѓани, рече тој и додаде дека како дел од тој договор бил и современиот патриотизам кој што ја проектира Македонија за години па и децении од денес во различни области.

Како дел од тој општествен договор беше и оној современ патриотизам за кој што зборувавме многу во изминатиот период. Современ патриотизам кој што ја проектираше Македонија за години и децении од денес, во различни области. Современ патриотизам во борбата со криминалот и корупцијата, современиот патриотизам што подразбира за посилна и поконкурентна економија, современиот патриотизам како младите да ги за држиме во државата, современиот патриотизам сега она што е актуелно во енергетиката, здравството, современиот патриотизам на локално ниво, современиот патриотизам кој ќе значи иднина во рамките на ЕУ, современиот патриотизам кој ќе значи добри меѓучовечки и добрососедски односи, помеѓу граѓаните во Македонија а потоа и пошироко со нашите соседи.

Мицкоски изјави дека македонскиот народ може да се заштити единствено преку чесна работа и посветеност, а не со методи од 18 или 19 век, како и да не се дозволи да се повторуваат политичари како овие изминатите 5 години.

Секој оној кој што мисли дека со агресија или со методи од 18, 19 или 20тиот век ќе може да го заштити македонскиот народ се лаже и свесно манипулира со чувствата на Македонците и ги доведува до егзодус. Затоа што тоа не е планот и тоа не е начинот да се зашитит најмалиот народ  на Балканот. Најмалиот народ на Балканот, Македонксиот народ можеме да го заштитиме со многу работа, со многу иновации, со чесна работа пред се, посветена и храбра и да не дозволиме да ни се повторуваат политичари кои што изминатите 5 години ни се случуваат во Македонија кои што се последица на грешките кои што во минатото и ВМРО-ДПМНЕ ги правел, кажа тој.

Мицкоски нагласи дека не се европски вредности она кое што денеска го промовираа владата на СДСМ, туку европски вредности се она кое што се промовира од ВМРО-ДПМНЕ а тоа е да се задржат младите во државата, да се развива Македонија економски силно и стабилно, да се создадеме конкурентно здравство.

Покрај знаењето ние педагозите на факултетите, но и политичарите мораме да им обезбедиме иднина и перспектива во Македонија која што ќе се темели на вистински вредности, а не на оние лажни вредности кои што денеска владата на СДСМ ги промовира преку некаква си лажна ЕУ агенда и вредност, а притоа скандалите за криминал и корупција за сето она што е поврзано за работата на владата се нижат, за катастрофата во образованието, за пациенти кои што не добиваат здравствена грижа и умираат во ходниците, тоа не се ЕУ вредности во кои што ние веруваме и тоа не се европските вредности кои што ние треба да ги промовираме како политичари. И затоа кога велам дека одговорноста на ВМРО-ДПМЕН е голема, мислам на овие вистинските европски вредности, да ги задржиме младите тука, да ја развиеме државата економски и силно затоа што имаме план, имаме методологија, да направиме здравство кое што ќе биде конкурентно, а не да денеска докторите да ги полнат клиниките и здравствените установи по Америка, Канада и Австралија, да ги задржиме луѓето со знаење и вештини дома и тука да ја развиваме Македонија и ова нема етнички предзнак, туку има предзнак кој го дефинира македонизмот во кои што сите се опфатени, додаде тој.

Мицкоски, додаде дека основен столб на политиките на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ е стимулирање на образовниот кадар, капитални проекти и силна економија.

ВМРО-ДПМНЕ во минатото зборуваше за колективен договор, кој што денеска гледаме оваа влада сака да го избрише и на некој насилен начин го поништи сето она кое што со децении е создавано. ВМРО-ДПМНЕ има поинаков пристап. ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе го зајакне и ќе го примени тој Колективен договор во образованието со што ќе обезбеди силна мотивација за наставно образовниот процес, тоа се повеќе од 30 илјади наши сограѓани кои што го заслужуваат тој колективен договор. Тој колективен договор значи достоинствени месечни примања да грижата за егзистенција на нашите образовни работници не биде примарна, туку да биде секундарна. Примарна да биде пренесувањето на знаењето и едукацијата и би рекол образованието. За тоа се потребни 150 милиони евра годишно, за да се примени овој колективен договор и идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ги одвои овие 150 милиони евра, дециден е тој.

Тоа ќе биде основниот столб во политиките на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, стимулирање на образовниот кадар. Повеќе од 30 илјади вработени во градинките, основното и средното образование и високото образование да го добијат она кое што им следува и кое што го заслужуваат, само со една цел да образуваат луѓе кои што во иднина ќе останат тука во Македонија и нема да ја напуштаат, кажа Мицкоски.

Втора работа за која што сакам да зборувам, е како ќе ги трошиме вашите пари кои се собираат во буџетот. Денеска имате на хартија половина милијарда евра ставка за капитални инвестиции, тоа се повеќе 35 милијарди денари ставка за капитални инвестиции. Ако анализирате секоја година наназад ќе видите дека структурата на тие инвестиции не е ГРИНФИЛД инвестиција, односно инвестиција која ќе почне од темели а ќе заврши со покрив, туку тоа се претежно услуги кои што се квалификувани како капитални инвестиции, а услугите е најлесно да ги употребите во криминал и корупција. Затоа ние велиме вака, половина од тие пари ќе завршат со еден робусен и амбициозен чекор а тоа е назад во општините. Повеќе од 15 милијарди денари годишно преку една децентрализација ќе завршат назад во општините во проекти кои што се значајни за општините. Ако просечно еден проект чини 30 милиони денари, тоа се повеќе од 500тини проекти годишно, во еден четиригодишен мандат тоа се 2000 проекти, дециден е Мицкоски.

Вториот дел од капитални инвестиции за реални проекти да се заврши конечно автопатот од Кичево до Охрид, и отпочнување на нови делници на автопатско решение тоа е Гостивар – Кичево, Скопје Велес, Прилеп – Битола Меџитлија, тоа се два крупни проекта кои што идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја реализира. Потребно е пруга до Бугарија да се заврши тој проект кој е почнат од 90тите години  и конечно да можеме да имаме втора алтернатива со кои што ќе се поевтинат транспортните трошоци, вели Мицкоски.

Потребен ни е енергетски објект, потребен ни е Чебрен, ама сами да го градиме, а не да го дадеме мираз Тиквеш па нашиот Тиквеш некому да му го изгради Чебрен. Туку сами да си го градиме и тоа се трите капитални проекти, ако ги засукаме ракавите, а имаме доволно волја, идната влада на ВМРО-ДПМЕН може да ги сработи  и ќе ги сработи, кажа Мицкоски.

За бизнис секторот Мицкоски истакна дека е потребно јасна предвидливост во даночната политика, намалување на данокот од 10 на 8 проценти, како и намалување на сивата економија преку вонредни инспекциски надзори во сите компании.

За бизнисот предвидливост во даночната политика, да не ни се случува при секој промена на министер во министерството да имаме осцилации во делот на даночната политика. Значи јасна предвидливост во следниот период. Веднаш откако ќе биде формирана новата влада на ВМРО-ДПМЕН стапката на данок се намали од 10 на 8 проценти, но истовремено зајакнување на инспекциските служби со правници и економисти кои што ќе ја намалат сивата економија во Македонија, со тоа што ќе прават вонредни инспекциски компании, изјави тој.

Еден универзитет во првите 1000 илјади според Шангајската ранг листа, иако рековме на минатиот Конгрес во првите 500,  бидејќи според ова цунами кое што ни го донесе оваа влада  немаме ниту во првите 3000. И затоа е многу важно да имаме барем еден универзитет во првите 1000 според Шангајската листа која што сме дел од образованието ја сметаме како репер таа ранг листа, додаде Мицкоски.

Здравството е во катастрофална состојба затоа што компании регистрирани за трговија со јужно овошје требаше да ги обезбедат провизиите од вакцините регистрирани во Хонг Конг. Затоа што наместо навистина да изградиме Клинички центар како што треба да брка и договараа провизии. Затоа што денеска имате организирана пљачка по клиниките, затоа што денеска имате демотивиран медицински персонал и кадар и одлучува да ја напушти Македонија бидејќи ги нема елементарните услови за работа. Тоа не е начин на кој што се сака народот на Македонија. И тоа треба да го смениме и ќе го смениме, вели Мицкоски.

Во однос на актуелната енергетска криза, претседателот Мицкоски рече дека Македонија е енергетски уништена бидејќи наместо да извезува електрична енергија и да се ставаат производните капацитети во функција, тие ги крадат. И додаде дека со чесна работа и многу посветеност може да се постигне сето ова, додавајќи дека потребно е многу работа и време да се поправи сето ова кое што изминатите 5 години е уништено и девастирано од страна на владата на СДСМ.

Актуелна е енергетиката, затоа што изминатите 5 години буквално ја уништија, затоа што  производните капацитети ги гледаат за крадење и богатење. Тоа е проблемот кај овие луѓе. Затоа што не разбираат дека само енергетски суверена држава, па макар и во струја е навистина суверена држава. Ќе кажам една анегдота која што ми ја кажаа повозрасни и поискусни од мене, а вели во 90тите години кога Македонија ја добиваше својата независност еден во тоа време многу сериозен и искусен политичар го прашале сериозни дипломати немате нафта, немате море, немате гас, па како планирате да бидете независна држава? А тој одговорил го имаме РЕК Битола и РЕК Битола не прави нас енергетски независни и навистина така беше додека овие обоени револуционери кои што ни ветуваа живот не дојдеа таму каде што се денес. И ние денеска преку тие модернизирани,  обновени  со ресурси за следните 5, 10 години производни капацитети да произведуваме и да извезуваме ние денеска мака мачиме како да ги обезбедиме елементарните услови овие да функционираат. Тоа не е патриотизам,  изјави Мицкоски.

Да не ни се случува една гајба јаболка да чини поевтино од гајбата. Да не ни се случува пола род на лозарите да остане на лозјата необрани. Да не ни се случува земјоделците да протестираат затоа што континуирано ги лажат. Се сеќавате дека им ветуваа сигурен откуп, сигурни цени, ветуваа живот, а им донесоа пепел.  Планот на ВМРО-ДПМНЕ во делот на земјоделието е да имаме сигурен и стабилен откуп и навремена исплата на субвенциите и субвенции за стратешко производство. Е тоа е современиот патриотизам, посочи тој.

Во однос на надворешната политика Мицкоски нагласи дека влада на СДСМ потпишала документ со кој потврдува дека македонизмот до 45тата година е поврзан со бугарскиот идентитет, криејќи се под превезот на европската иднина.

Според нашиот источен сосед македонизомот до таа 45 година е ексклузивно поврзан со бугарскиот идентитет. И тоа некој го потпиша под превезот на европската иднина. Но, каде е европската иднина? Каде е бесплатното здравство, квалитетното образование, инвестициите, потенцираше тој.

Но, од сето тоа имаме само дополнителни услови. Но, треба да разговараме. Ние сме луѓе имаме одговорност и мораме да разговараме за се, лице во лице, зошто така се бори и се брани Македонија, но и дома. Со два статуси не се брани Македонија, треба да се зборува лице во лице, и во Берлин, и во Париз, и во Брисел, но и тука кога ќе дојдат во Скопје, и таму се кажуваат аргументите. И затоа велам јас треба да се разговара. Денеска имаме два нови моменти кои ја оптоваруваат нашата европска иднина, членството во ЕУ. Првиот е условот за Уставот и промената на Преамбулата и вториот од пред некој ден барање за бришење на бројката и процентот со кој ќе се детерминира јазикот на Албанскиот народ. Ајде и за тоа да зборуваме. Јас сум подготвен за се да зборувам. Ајде аргументите да ги ставиме на маса. Ако ја смениме Преамбулата ќе бидеме ли во 2030година членка на ЕУ, ќе потпише ли некој дека ќе бидеме членка како што ни ветуваат, ќе донесе ли Европскиот парламент заклучок и резолуција со кој се признава посебноста на македонскиот јазик, праша Мицкоски.

Ајде да зборуваме дека нема никој понатаму поради билатерални прашања да ни става вето. Каде се гаранциите? Кој е тој што може да ни гарантира па да бара од нас дополнителни отстапки. Јас сум подготвен за се да зборувам но сакам овој пат да видам гаранции, доста губеше овој народ од својот идентитет, време е нешто да добие, смета Мицкоски.

Дополнителен услов добивме од политичари кои велат, ние тоа ќе го поддржиме, но имаме наш услов. Ајде и за тоа сум подготвен да зборувам, дали тоа ќе значи поголемо право на некоја индивидуа да се изрази, дали тоа ќе значи поквалитетно изразување, или побогата средина, побогати граѓани? Но, затоа првата реакција од таму беше дводомен парламент. Значи дојдовме со суштината, а тоа е бинационална држава, подоцна федерација. Тоа ли е суштината, бидете искрени и кажете, а кое  тоа суштината тогаш јас ќе ви дадам одговор, со Рамковниот договор тој процент беше ставен да се потцрта мултинационалниот карактер на нашата заедничка Македонија, затоа што во оваа држава не живеат само Македонци и Албанци, туку и Роми, Власи, Срби, Бошњаци, сакаат ли тие во бинационална федерализирана држава да живеат ги прашал ли некој тие луѓе? Тоа ли е целта да се наруши унитарниот карактер на Македонија епа еве јас ќе ви дадам одговор, унитарниот карактер на Македонија е линијата која што ќе ја браниме, а ќе ја браниме со живот и туку нема назад, дециден е Мицкоски.

На крај претседателот Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има коалициски и државотворен потенцијал, и секој кој што сака да има ваква држава е добредојден и тука нема како што рече тој национална или верска припадност, упатувајќи порака дека е потребно семакедонско обединување односно како што потенцираше тоа го бара македонскиот народ и македонската дијаспора.

Отворени се вратите за секому, па дури и на оние кои што се од спротивната страна. Ги отвораме вратите придружете ни се. Затоа ја користам оваа прилика да упатам порака и до нашиот политички противник СДСМ и да ги повикам на семакедонско обединување за овие прашања. Подготвен сум да разговарам лице во лице со Димитар Ковачевски, со секој еден од нив за семакедонско обединување, во Македонија и надвор од Македонија. Затоа што тоа го бара од нас македонскиот народ во Македонија и македонската дијаспора секаде во Светот, да ги исцртаме македонските црвени линии и од тие линии да не смееме да се поместиме, порача Мицкоски.

 

извор: ВМРО ДПМНЕ