Во Македонија има околу 410 судии, а за ефикасно решавање на судските предмети ѝ се потребни околу 630 судии. Ваквите бројки воопшто не соодветствуваат со европските стандарди кои земјава мора да ги исполни на патот кон Европската Унија (ЕУ). Според европските правила на 100.000 жители треба да има по 21,5 судии. Во моментов, во Македонија на истата бројка жители има по 22 судии што е приближно еднакво на европскиот просек, но далеку од потребите на македонското судство.
Портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ вели дека ваквата систематизација на бројот на судии е направена пред спроведувањето на Пописот 2021 година.
„Според систематизацијата нам ни се потребни околу 630 судии и затоа велиме дека ни недостасуваат судии. Бројката од 630 е добиена по извршени анализи низ сите судови во државата, пред сѐ имајќи предвид колку предмети годишно имаат судовите во работа”, вели Арсиќ.
mkd.mk