Правниот тим на поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски денеска испрати став од него во однос на чувањето на дигиталните докази во ОЈО ГОКК
Во продолжение целиот текст:
„НИЕ ПО ДОМА ГО КРИЕВМЕ СРАМОТ, СЕГА ВЕЌЕ ЦЕЛА ЕВРОПА ЌЕ ВИДИ ДЕКА СОБИЧКАТА НА ОЈО ГОКК, Е СРАМНА ЗА ПРОЦЕДУРИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
Кој ќе одговара кога Европското јавно обвинителство ќе видат дека лаптопот на нашето ОЈО на кој се чуваат сите дигитални докази за завршени и тековни истраги и предистраги се изнесува од просториите на ОЈО по принципот кому иде, притоа компромитирајќи ги сите материјали и на другите јавни обвинители, правејќи ги ваквите докази на своите колеги според сите можни стандарди – неупотребливи
Пред три дена Јавното обвинителство на РСМ потпиша работен договор за соработка со Европското јавно обвинителство. И, тоа е многу добра вест за нашето правосудство тврдам. Обвинителите Ковеси и Јовевски потпишаа договор со кој се обрзуваат како на правно така и на техничко ниво дека двете обвинителства ќе соработуваат се со цел искоренување на корупцијата и намалување на злоупотребите на јавните финансии.
Во најмала рака тоа значи дека нашите обвинители “ќе мора да постапуваат европски” по европски процедури со цел собраните докази да бидат прифатени од страна на нивните истражители и обвинители, а подоцна и од судскиот систем.
И, ова е како што напишав убаво, европски, по стандардна процедура и така треба да биде.
Но, не е така. Ќе се брукаме, а некој ќе треба и да одговара.
Прашувам јасно и јавно, како овој договор ќе се примени на постапката за собирање на дигитални докази, или како што се нарекува “собичката за дигитална форензика” во ОЈО ГОКК, која ќе биде претесна за срамот кој ќе го доживееме, а не пак за водење на дигитална форензика за потребите на ЕЈО.
Европското јавно обвинителство за оваа намена има формирано посебна институција со посебни правила за собирање на дигитални докази. Станува збор за Европската служба за спречување измама, позната и како ОЛАФ, од нејзиниот француски назив: Office de Lutte Anti- Fraude која истражува измама против буџетот на ЕУ, корупција и сериозна злоупотреба на службена должност во европските институции и развива политика против измама за Европската комисија. ОЛАФ и EЈO взаемно соработуваат преку обезбедување информации, анализи, експертиза и оперативна поддршка.
На официјалниот сајт на ОЛАФ стои дека “Заради прибирање на дигитални докази ОЛАФ работи според усвоени упатства кои ги земаат предвид меѓународно одобрените стандарди и добри практики”.
Кои меѓународни стандарди и добри практики ќе ги начекаат европските партнери во собичката и во шкафчето во ОЈО ГОКК во кое треба да биде заштитена и чувана нашата дигитална форензичка лабораторија?
Ајде сега да видиме каков е стандардот на ЕЈО, значи нивната дефиниција за Дигитална форензичка лабораторија, е следна:
“Форензичката лабораторија на ОЛАФ е составена од физички изолирани и заштитени канцеларии во рамките на ОЛАФ каде се обезбедуваат форензички услуги. Тука спаѓаат просториите за форензички сервер, каде што се чуваат дигиталните форензички докази и работните датотеки, и просторот за консултации за истражителите и оперативните аналитичари.”
Ајде сега да видиме каков е стандардот кај, нашата дефиниција, пардон нема дефиниција имаме само муабет кој вели:
“Просторија во која може секој да влезе, од која клуч има дури и јавниот обвинител и неговиот стручен соработник и физичката изолираност на доказите се постигнува на начин што дигиталните уреди се чуваат во шкафче”.
Каква соработка ќе им понудиме на ЕЈО во делот на дигитална форензика и какви веродостојни докази ќе им доставиме кога тие бараат, “Пристапот до оваа лабораторија е ограничен на системските администратори и оперативниот персонал кои имаат потреба да бидат информирани и тоа преку електронска контрола на пристап и евидентирање од читачи на значки. Влезот во лабораторијата се следи со систем за видео надзор”, а кај нас ОЈО ГОКК “дигиталната форензичка лабораторија” е оставена на милост и немилост од август месец 2021 година кога единствениот информатичар си замина од таму?
Што ќе ни коментира ЕЈО на фактот дека тие бараат, “Со цел да се заштити синџирот на докази, истражителот нема да прифаќа дигитални уреди од кое било лице во ниту еден момент за време на дигиталната форензика и спроведува дигитално форензичко преземање на добиениот уред.”, а во процедурите на ОЈО ГОКК уредите се чуваат кај стручните соработници на самото јавно обвинителство и се обработуваат понатаму од полициски службеници – економисти?
Како ЕЈО ќе им верува на ваквите докази доставени од ОЈО ГОКК кога тие бараат целосно почитување на Синџирот на докази, затоа што според нив “Синџир на докази: Се однесува на детална документација за статусот на потенцијалните дигитални докази во секој временски период од моментот на собирање, преземање или одземање на доказите до моментот на презентирање на доказите на суд.”, а ОЈО ГОКК штафетно ги предава дигиталните докази без да се знае кој имал пристап до нив по цели месеци?
Што ли ќе мисли за нас ЕЈО кога тие ќе побараат дигитална форензичка копија од доказите затоа што според нив, “Дигитална форензичка слика: Форензичка (битова) копија на оригинални податоци содржани на медиум за дигитално складирање, добиени за време на дигиталната форензичка постапка и складирани во бинарен формат со единствена хеширана вредност.”, а ние ќе им дадеме Word документ искуцан на компјутерот на обвинителот?
Не знам како ќе го скриеме сопствениот срам кој ќе излезе на виделина надвор од границите. Досега овој срам домашно се прикриваше со судски одлуки кои се веќе предизвикани пред Европскиот суд за човекови права во Струзбург.
Но, едно е сигурно:
ЌЕ ПУКНЕ БРУКА… кога европското јавно обвинителство ќе увиде дека лаптопот на кој се чуваат сите дигитални докази за завршени и тековни истраги и предистраги се изнесува од просториите на ОЈО ГОКК, по желба само на еден обвинител од нему познати причини, притоа компромитирајќи ги сите материјали и на другите јавни обвинители, правејќи ги ваквите докази на своите колеги според сите можни стандарди – неупотребливи. ако на ова додадете дека пристап до тој лаптоп кога бил изнесен имале неовластени лица … – некој ќе мора да одговара за создавање на “плодови од отровна овошка”“, вели Рашковски.