Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во своето обраќање ги образложи новите одлуки од денешната владина седница, со кои им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:
„Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Почитуван Министер за економија,
Ветивме дека храна, струја и греење оваа зима мора да има за сите. Владиниот економски тим посветено работи на изнаоѓање на решенија во врска со овие прашања.
На денешната седница на Влада донесени се неколку важни одлуки со кои обезбедуваме непречено снабдување со електрична енергија и ублажување од растот на цените на струјата на светските берзи, со што овозможуваме и во услови на криза стабилно и непречено функционирање на виталните институции.
Одлуките кои што се донесени на денешната седница на Влада се следни:
Ќе обезбедиме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.
Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.
Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.
Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат за најмалку 10%.
Во оваа тешка криза им помагаме и на основните и на средните јавни училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со евтина струја основните и средните јавни училишта при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час.
Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ, обезбедуваме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици, со што ќе обезбедиме непречено функционирање, односно непречено стабилно снабдување со вода на граѓаните како и одведувањето на отпадните води. Цената за оваа намена ќе биде 95 евра по мегават/ час електрична енергија.
Со цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување. Оваа одлука е донесена поради тоа што сознанијата велат дека општините основале јавни претпријатија или дејности јавно осветлување или ја доделиле на постоечките јавни претпријатија.
Овие одлуки, како и сите останати ги носиме инклузивно со сите засегнати страни, оваа Влада, работите ги решава со дијалог. Во оваа енергетско економска криза, секој денар е важен за граѓаните и затоа вложуваме максимални напори да го зачуваме и да го унапредиме животниот стандард.
Нѐ очекува најтешката зима после Втората светска војна, сите заедно регионот и Европскиот континент сме исправени пред овој предизвик и само взаемно полесно ќе излеземе од кризата.
Граѓаните нема да ја пребродуваат сами оваа криза, никој нема да биде оставен да бира меѓу храна и електрична енергија.
Струјата ќе продолжиме да ја субвенционираме со 80% за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи фирми кои вработуваат 98% од вработените во државата. Се грижиме за најранливите и понатаму, и 42.000 граѓани од најранливи категории, како што соопштивме со мерките ќе добиваат директна финансиска помош. Исто како и 330.000 пензионери кои покрај зголемените пензии ќе добијат 3.000 односно 6.000 денари поддршка оваа зима согласно последниот пакет антикризни мерки.
Нема поголем приоритет од справувањето со енергетската криза, заштитата на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите. Јас ветив дека ќе направам се. Заедно со членовите на Владата, особено од економските ресори, денот ни почнува и завршува со мерките и следните чекори, планови и проекции за справување со енергетската криза. Се грижиме за Буџетот на државата работиме, одговорно и домаќински и што е можно повеќе ги кратиме непродуктивните трошења.
Тоа го покажуваме и на дело, дел од средствата се пренасочуваат за поддршка на граѓаните, за антикризни мерки и во таа насока и ќе продолжиме да делуваме.
И ние како држава не сме сами, Република Северна Македонија добива 80 милиони евра грант поддршка од ЕУ кој што ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата на почетокот на идната година. Со земјите од соседството изминатиов период имаме многу интензивна комуникација, бараме начини и решенија да си помогнеме во изнаоѓање на решенија за предизвиците што не очекуваат во периодот што следува.
Покрај основниот и број еден приоритет, а тоа е справување со енергетската криза, наш приоритет се и инвестициите, бидејќи во овие тешки времиња, најдобриот начин на кој можеме да се избориме со кризата е, тука во Северна Македонија да отвориме и обезбедиме што е можно повеќе работни места за нашите сограѓани. Најдобриот начин како да се избориме со високите трошоци за живот, е да донесеме подобро платени работни места во индустриите на иднината, кои се поддржани од оваа Влада.
Само изминатите неколку недели присуствував на отворање на неколку нови инвестиции, од областа на енергетиката, автомобилската индустрија, како и се гордеам со реномирани компании кои ја бираат нашата држава како дестинација за нивните инвестиции. Тоа е резултат на нашите политики свртени кон иднината, кон НАТО, ЕУ и секако на поддршката која Владата ја дава на новите инвеститори во државата. Вложуваме и во инфраструктура се градат патишта, а вчера како што можевте и самите да видите продолжи изградбата на источниот дел од железничкиот коридор 8.
Напорната работа носи резултати, и јас верувам дека ова криза ќе не направи посилни, по обединети, вредни, рационални и најважно заеднички се бориме за европската иднина на сите нас.
Извор: Влада
фото: Влада