Нема точни податоци од кога датира знаковниот јазик. Прв пат се среќава во Сократовите списи, некаде 5 века пред новата ера. Првата азбука составена од знаци ја запишува шпанскиот монах Педро Понце де Леон во 16тиот век. Денеска, во светската федерација на глуви лица постојат околу 130 различни признаени знаковни јазици, а неофицијалната бројка е околу 300 различни природни знаковни јазици. Значи, покрај унифицираниот знаковен јазик кој се користи воглавно за меѓународни состаноци, во светот нема само еден знаковен јазик, истакна creativevoice.mk.
Со донесувањето на Законот за употреба на знаковниот јазик, од август 2009та, македонскиот знаковен јазик се признава како потполно природен начин на комуникација, еднаков на говорот, а со тоа и се признава и се регулира правото на глувите лица да се изразуваат слободно на својот мајчин јазик. На знаковен јазик. А со тоа, македонскиот знаковен јазик е еден од оние 130 официјално признаени јазици во светот.
Јелена Милосављевиќ е еден од толкувачите на знаковен јазик во Македонија, „слухот“ и „говорот“ на околу 4000 илјади целосно глуви лица или со делумно оштетен слух, кои го користат знаковниот јазик. И како што Бетовен ги чувствува нотите и музиката, барем дел од овие 4000 лица ги гледаат и чувствуваат знаците на Јелена. Се информираат, добииваат помош при комуникација, им го олеснува секојдневието на повеќе начини.
На самиот почеток на нашиот разговор, пред да почне да ни раскажува за нејзиниот живот и за нејзината професија, Јелена сакаше да започне со една порака за сите, за целото општество.
Нејзината приказна како толкувач започнува пред повеќе години, а од 2018 е и официјално сертифициран толкувач на знаковен јазик во Македонија. Дознава за обуките кои се организираат од Сојузот на глуви и наглуви лица во Македонија. По кратко „убедување“ со најблиските, се решава да започне со обуката.
„Не ми беше воопшто тешко да се одлучам. Знаев дека го сакам тоа иако не помислував дека тоа еден ден можеби ќе ми биде работа. Уште како мала, ама баш мала, застанував пред телевизор кога имаше вести на знаковен јазик на МТВ и се преправав дека ги толкувам вестите. Значи, желбата потекнува од најрана возраст. Пред да започнам со обуката, веќе имав познавање на знаковниот јазик, но не доволно. Сакав да се надоградам. Обуката е поприлично обемна и се изведува во шест циклуси. Со оглед на важноста на знаковниот јазик и каде се употребува, критериумите се навистина високи, особено за последните два циклуси со кои од „говорник“ станувате и сертифициран толкувач и обучувач. Видете, да бидете толкувач на знаковен јазик, не значи само „школски“ да го научите. Мора да имате „нешто“ во себе, да знаете да покажете емоција, експресија, да бидете креативни во изразувањето и да го сакате знаковниот јазик, но напорната работа е неопходна“ – вели Јелена.
Текстот во целост на: creativevoice.mk.