На иницијатива на директорот на Координативниот центар за борба против насилен екстремизам на Република Албанија, се одржа средба помеѓу координативните национални тела за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на двете земји.
На средбата од страна на Република Северна Македонија присуствуваа: Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, замениците национални координатори, Џеладин Ајвази и Златко Арсов, претставник на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, претставник од Управа за финансиско разузнавање – директорот на управата, како и претставник на Министерството за внатрешни работи – Сектор за борба против тероризам.
Од страна на Република Албанија на состанокот присуствуваа директорот на Координативниот центар за борба против насилен екстремизам, Дениот Меидани неговиот заменик Ермал Јаури и претставничката на ИОМ Албанија, Алкета Гаџа.
Целта на состанокот беше размена на добри практики и искуства кои ги имаат двете земји од областа на спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.
Презентирани се активностите кои се преземаат од страна на институциите во областа на перењето на пари и финансирањето на тероризмот, активностите кои се преземаат во казнено поправните домови во државата, со посебен акцент на рехабилитацијата, реинтеграцијата и ресоцијализацијата на повратниците од странски војски.
Националниот координатор, Златко Апостолоски, ја поздрави иницијативата на својот колега за заемна средба истакнувајќи дека средби на координатори од регионот се повеќе од пожелни бидејќи радикализмот и тероризмот се појави кои ги засегаат не само земјите поединечно туку регионот и пошироко кои само со заеднички напори може да се постигне успех во нивно справување.
Од страна на директорот на Координативниот центар за борба против насилен екстремизам, Дениот Меидани, беа претставени актуелните случувања во неговата земја. Тој го претстави и новиот концепт наречен „Fusion Center“. Концепт на организациска поставеност на државните институции во Република Албанија, за поефикасно справување со појавите на насилниот екстремизам и тероризмот.
На крајот од средбата се отвори простор за продлабочување на соработката помеѓу институциите на двете земји посебно во делот на рехабилитацијата, реинтеграцијата и ресоцијализацијата на повратниците од странски војски и нивните семејства.
извор: Влада
фото: Влада