Минималната плата ќе расте според договорената пресметка, но се повеќе луѓе ќе работат за минималец

На почетокот на наредната година минималната плата ќе се зголеми за најмалку 10 отсто, најави вчера министерот за економија Крешник Бектеши. Ова ќе биде нов висок товар за трудоинтензивните дејности, велат бизнисмените. Синдикатите очекуваат законското решение за пресметка на минималната плата да се почитува во целот, но забележуваат дека бројот на работници кои ќе ја земат минималната плата следната година ќе се зголеми, бидејќи со години не се врши пропорционално усогласување на останатите плати со процентот на раст на минималната плата, објави plusinfo.mk.

Висината на минималната плата, според последната методологија за утврдување, треба да биде збир од 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година. Минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во земјава за претходната година. Сегашниот износ на минималецот е 20.175 денари.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека новиот начин на утврдување на минималната плата е добар за одржување на економската моќ на работниците, но ќе биде товар за дел од компаниите, особено за трудоинтензивните дејности.

– Сè уште не се знае колкаво ќе биде зголемувањето на минималната плата, но и најавените 10% или околу 2.000 денари, ќе бидат товар за трудоинтензивните дејности, кои последниве години почнаа да ги губат странските партнери бидејќи, поради високите трошоци на плати нашите услуги се поскапи од регионот, од Бангладеш, Индија или од Мароко, каде што партнерите ја префрлаат својата работа од годинава – вели Димитров.

Сегашниот начин на утврдување на минималната плата, вели тој, поради претходните политички зголемувања на минималната плата, има висок процент на учество во просечната плата, од околу 62% што е рекорд во Европа.

– Европската Унија утврди тој однос да биде 50% од просечната плата. Во законот се утврди на 57%, но во практика сè уште има високо учество во просечната плата – вели Димитров.

Текстот во целост на:plusinfo.mk