Димитриеска Кочоска за предлог Буџетот за 2023 година: Тој е инфлациски, а не развоен, состојбата е застрашувачка, повторно се ќе падне на терет на граѓаните

Не зборуваме за развоен буџет, туку за инфлациски буџет, вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во вечерашното гостување во емисијата Отворено на телевизија 24 за предлог Буџетот на владата за 2023 година и додаде дека инфлацијата во државата е веќе 20 проценти односно највисока во Европа.

Инфлацијата знаеме колкава е, една од највисоките во Европа, до 20 проценти веќе стигна, и како резултат на тоа ќе имаме пораст на пензиите. Но, во исто време ако ги погледнеме даноците значи во буџетот за 2023 година 352 милиони евра имаме повеќе планирани приходи од даноци, 154 милиони евра од придонеси, односно најголем дел од нив заради услогласување на минималната плата. Како и да ги гледаме податоците зборуваме за инфлација, не зборуваме за некаков развоен буџет, и она што најмногу загрижува и најмногу боли тоа е даночната реформа, рече Димитриеска Кочоска.

Според нејзе состојбата во македонската економија е застршувачка бидејќи се ќе падне на терет на граѓаните, укажувајќи дека со владината помош преку мерката П1 ќе дојде повторно до трансфер до ЕСМ, што значи дека власта не го решила проблемот со енергетската криза бидејќи цената на струјата ќе продолжи да расте.

Состојбата за мене е застрашувачка бидејќи повторно сето ова ќе падне на теретот на граѓаните. Е сега од една страна зборуваме за 250 милиони евра кои што ќе се дадат како мерки помош преку програмата П1 што ја имаат преку владата, најголем дел ќе оди од овие исплати впрочем 99,9 проценти ќе одат како исплати преку влада, што на мене ми покажува дека повторно ќе имаме трансфери до ЕСМ и повторно укажува на тоа дека ние не го решивме проблемот со енергетската криза. И сега се сплеткуваме повторно во оној проблем цената на електричната енергија ќе расте, фирмите ќе се соочуваат со проблеми, се поголеми ќе бидат трошоците, останува се помалку пари на располагање, продуктивноста им паѓа итн. Значи една состојба која што навистина е застрашувачка, смета таа.

Димитриеска Кочоска потенцираше дека  буџетскиот дефицит е 40,6 проценти, додека ставката разни трансфери сега е како никогаш претходно највисока со рекордни  970 милиони евра, укажувајќи дека сите показатели покажуваат дека буџетот кој што го предлага власта е всушност инфлациски, а не развоен.

Точно 40,6 проценти е буџетскиот дефицит, историски максимум на разни трансфери, 970 милиони евра рекордни, 2016та година таа ставка беше околу 460 милиони евра. Зборувам за разни трансфери онаа секојпат сомнителната, недокажаната, затскриената ставка разни трансфери. Значи 970 милиони евра, никогаш повисока, истакна таа.

Усогласуваме плати согласно стапката на инфлација, имаме зголемување на ДДВ-то, значи како и да е сите податоци укажуваат на тоа дека нашиот буџет е инфлациски, а не развоен, децидна е Димитриеска Кочоска.

Во однос на изјавите на заменик министерот дека владата ги покачила платите за 5, 10 проценти во зависност од институциите, Димитриеска Кочоска порача дека просечната инфлација е 13,2 проценти, додека пак инфлацијата само за октомври е 19,76 проценти што значи дека покачувањето со кое помпезно се фалат ја изгубило вредноста.

Заменик министерот спомнува 5 проценти, 10 проценти, 7 проценти покачување на плати во различни институции. Значи просечната инфлација е 13,2 проценти заклучно со октомври, а 19,76 проценти е само во октомври. Што значи дека 13 проценти е многу повеќе од тие покачува на 5, 10, 7 проценти на платите, а тоа значи дека тоа што го добиле како покачување изгубило вредност, нагласи таа.

извор: ВМРО ДПМНЕ