Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8-ми Септември“ Христијан Костов и амбасадорот на Италија во земјата Андреа Силвестри, ја посети Градската општа болница „8-ми Септември“ по повод нов дијагностички центар опремен со нови апарати за томографска магнетна резонанца со што се зголемува дијагностичката точност.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот.
„Ниту во време на најголемата здравственa и економската криза не запревме со вложувањето во квалитетна услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници.
На почетокот од овој настан, сакам да упатам честитки за заложбата и посветеноста на целокупниот персонал на Градската општа болницата „8 Септември“, кои во рекорден временски период успеаја да се изврши реконструкција и да се реновира просторот кој стана оддел за радиологија и дијагностика, во кој веќе се инсталирани два нови најсовремени апарати за магнетна резонанца.
Болницата „8 Септември“ има исклучително важна улога во нашето здравство, како најголема болничка установа, во најголемите кризи секогаш била тука прва да одговори и да се справи со предизвиците. Оваа болница презеде голем товар во време на КОВИД пандемијата, за оваа пожртвуваност сакам да упатам честитки до целиот медицински и немедицински персонал во болницата.
Овие два апарати и реновираниот Оддел се уште едно од серијата вложувања во подобар и поефикасен здравствен систем за сите наши граѓани. Болницата „8 Септември“ со двата нови апарати ќе го зголеми капацитетот на снимање за 50%, односно за плус 15 пациенти дневно, што е голема предност за брза, навремена дијагностика на тешко болните пациенти.
Апаратите се набавени во рамки на Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор, во соработка со амбасадата на Република Италија, за што изразувам посебна благодарност уште еднаш до италијанскиот народ, Република Италија како и до амбасадорот Силвестри за неговата заложба околу целата реализација на овој проект.
Реформите и инвестициите во здравството се еден од најголемите приоритети на Владата предводена од СДСМ. Како Влада направивме стратегија за инвестирање во здравството, ние не трошиме пари неплански, како што тоа беше во минатото кога со буџетски пари се купуваше скапа медицинска опрема која стоеше во магацините од болниците и така неупотребувана ја уништи забот на времето. Ние сега спроведуваме процес на рехабилитација на здравствениот систем, а набавената опрема веднаш се инсталира каде што е наменета.
Го вративме достоинството на лекарите во изминатите 5 години основната плата на лекар специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25% и 15% на останатите здравствени соработници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници, а некои типови на дежурства се зголемени за два до три пати во текот на викенд.
Вложуваме во медицинска опрема подеднакво застапена во сите региони, досега се набавени најсовремени 7 магнетни резонанци, 7 компјутерски томографии и 3 ангиографии за прецизна дијагностика на пациентите.
Почнувајќи од 2017 година оваа Влада направи најголемо вложување во клучна апаратура и во човечки капитал, во историјата на нашето здравство. Вложувавме подеднакво секаде во опрема која е од суштинско значење за поквалитетна здравствена нега.
Како во време на здравствената КОВИД криза, така и во време на енергетската криза Владата донесе серија антикризни мерки како би се намалил притисокот врз јавните здравствени установи.
Направивме посебен сет антикризни мерки за болниците и училиштата. Сега овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ по далеку поповолна цена од пазарните цени.
Истото го обезбедивме и за средните и основни училишта. Обезбедуваме и снабдување со електрична енергија за мерни станици за водни пумпи, преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската цена. Ние како Влада нема да дозволиме во општините каде се снабдуваат со вода преку пумпи граѓаните да останат без вода.
Не само нашата земја, туку цел свет многу поразвиени и понапредни општества, економиите уште незаздравени од КОВИД пандемијата добија уште еден посилен удар. Сега сите ние се соочуваме со најголемата криза по Втората светска војна. Ова е време на одговорни и решителни политики, овде нема простор за импровизации, пропаганди, а најмалку за собирање политички поени.
Јас сум најсреќен што за граѓаните кога им е најтешко обезбедуваме храна, струја, што на пензионерите со најмали примања финансиски им помагаме во овие 4 најстудени и најкритични месеци да имаат доволно пари за основните потреби, и за лекови и за плаќање на други сметки.
Никого не заборавивме никој не изоставивме од пакетот на антикризните мерки. Тоа се пари на граѓаните и мора да завршат кај оние на кои најмногу им се потребни – социјалните случаи, самохраните родители, други ранливи категории граѓани, оваа Влада никого нема да го остави сам во овие тешки времиња полни со неизвесност.
Децата ќе продолжат да одат во училиште во топли училници, мора да биде топло и во болниците и за пациентите и за здравствените работници. Мора да има доволно храна, да се стабилизираат цените на пазарот, и затоа со антикризните мерки наменети за производителите на храна, очекувам намалување на 10% на основните прехранбени продукти.
Во КОВИД кризата лекарите и здравствените работници имаа деноноќни битки и не знаеја за одмор и оддишка. Оваа сега е наша битка.
Јас како човек и цела Влада деноноќно сме исправени и со сите сили се бориме со предизвиците кои што се пред нас, а моја, и наша обврска е да овозможиме граѓаните да ја пребродат оваа кризата и овој тежок период.
Сакам на здравствениот персонал, на директорот на болницата да им посакам успешна работа и користење на новата опрема, и како што се вели секогаш кога се инсталира нова опрема во болниците – што помалку да биде користена”.
извор: Влада
фото: Влада