Кралот Чарл денес го слави 74. роденден

Британскиот крал Чарлс Трети денеска го прославува својот 74. роденден, првпат како монарх. Се очекува кралот да го одбележи роденденот во кругот на семејството, без јавни ангажмани. Засега не е познато, дали во согласност со традицијата, кралот Чарлс Трети и официјално ќе го прослави роденденот в лето.

Од 1700 година, монарсите кои не се родени во текот на летото прославуваат уште еден роденден, кој е обележан со традиционалната парада наречена Trooping the Colour.

Официјалната прослава на роденденот на кралицата Елизабета Втора секогаш се организираше во втората сабота во јуни, но засега не е потврдено дали новиот крал ќе слави на ист начин.

Иако кралот Чарлс нема официјални ангажмани за овој ден, неговиот прв роденден како монарх денеска ќе го одбележи Оркестарот на британската коњаница, кој ќе ја изведе роденденската песна „Happy Birthday“ за време на смената на гардата на Бакингемската палата.

Како што јави Би-би-си, топовски поздрави ќе се слушаат низ Лондон во чест на неговиот роденден, а трупите на кралот ќе почнат со испукување 41 рафал напладне во лондонскиот Грин Парк, додека Оркестарот на шкотската гарда, исто така ќе ја изведе „Happy Birthday“.

 

 

slobodenpecat.mk