Албанија ќе и врати на Северна Македонија 20 икони кои пред десетина години биле нелегално изнесени од земјата, а постапката ќе се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Паралелно се води процес за враќање и на други икони од Албанија.
Во истрагата, која албанските власти ја водат под името „Икона“, во октомври 2013 година во Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети. Беше утврдено дека 20 меѓу нив се по потекло од Северна Македонија од каде што биле изнесени илегално.
„На заедничко задоволство, процесот има посакуван епилог, благодарение на професионалноста и на почитувањето на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година, за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра, чии потписнички сме и ние и Албанија“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
За конечно враќање на иконите, според министерката, потребно е парламентите во двете земји да ги ратификуваат договорите, по што ќе се случи и физичкото враќање на иконите во Македонија.
„Со оглед на тоа што најчесто цел на незаконските изнесувања се археолошките предмети и иконите, мора да ги зголемиме мерките за поголема безбедносна заштита на овој вид културно наследство“, порача Костадиновска Стојчевска.
Историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ вели дека овие икони се важни како репрезент на едно време од 19 век и она што се творело во доменот на таа културна историја.
Сега, според Цветковски, треба еден сериозен пристап бидејќи дел од нив се оштетени, а на дел од нив се вршени интервенции на бришење на словенски сигнатури и натписи.
Македонското културно наследство опфаќа речиси 30 илјади икони кои се идентификувани и регистрирани.
Според Цветковски, во периодот од 2008 до 2013 година „имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони.“ Дел од нив сега ќе бидат вратени во земјата.
dojcevele.com