Столтенберг: Нема индиции дека ракетниот напад врз полската територија е намерен напад од Русија

Истрагата за ракетниот напад во Полска при кој загинаа две лица, е во тек, но засега нема индиции дека ова е резултат на намерен напад, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по вонредниот состанок на Алијансата во Брисел, објави slobodnaevropa.mk.

-Нема индиции дека ракетниот напад врз полската територија е намерен напад од Русија и дека нема индиции ни дека Русија планира напади врз земјите членки на НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг. Ова го изјави по состанокот во седиштето во Бисел на амбасадорите на НАТО по барање на членката на Алијансата, Полска, а со него претседаваше генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Тој изјави дека истрагата се уште трае но дека нивните прелиминарни воени анализи покажуваат дека инциденнтот најверојатно настанал кога укриански воздушен проектил бил истрелан од украинска територија за да пресретне руски проектил, со цел одбрана.

„Но да бидам јасен, ова не е вина на Украина. Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи ја продолжува својата нелегална војна против Украина“, изјави Столтенберг.

Тој посочи дека на состанокот денеска, НАТО сојузниците изразиле сочуство за трагичните човечки загуби и солидарност кон Полска. Тие ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и нејзиното право на одбрана.

„Русија мора да ја прекине оваа бесмислена војна“ вели Столтенберг.

Тој синоќа разговарал со полскиот претседател Анжеј Дуда и американскиот претседател Џо Бајден и се согласиле дека мора да останат мирни и одблиску да соработуваат, како и да ја следат ситуација.

На новинарското прашање каков ќе биде одговорот на ризикот да се повтори ваква ситуација во земјите кои што граничат со Украина, Столтенберг изјави дека Алијансата го зголеми своето присуство со своите трупи во земјите кои што граничат со ризичната зона.

Претходно, полското Министерство за надворешни работи соопшти дека ракета од руско производство паднала врз селото Пжеводов, село во источна Полска на околу шест километри од границата со Украина, убивајќи две лица, по еднодневното масовно руско гранатирање на Украина.

Русија негираше дека нејзините проектили погодиле полска територија, велејќи дека извештаите се „намерна провокација“ за ескалација на ситуацијата.

Руското Министерство за одбрана на 16 ноември соопшти дека нејзините напади врз Украина претходниот ден биле на не поблиску од 35 километри од полската граница, пренесува новинската агенција РИА.

Бајден на 16 ноември рече дека е „малку веројатно“ проектилот да бил истрелан од Русија.

„Не сакам дефинитивно да кажам додека не заврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите малку веројатно е дека се истрелани од Русија. Сепак ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првичните информации зборуваа дека Русија е поврзана, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа тврдење“, истакна американскиот претседател Џо Бајден за CNN.

 

извор:slobodnaevropa.mk.