Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе два амандмани на Предлог закон за субвенциониран студентски оброк за зголемување на 160 денари и продолжување до крајот на учебната година

Денес на Комисијата за финансирање и буџет како единствена точка на дневен ред е спорниот Предлог закон за субвенциониран студентски оброк, поднесен од страна на владејачкото мнозинство.

Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пред почетокот на Комисијата, сакаме да ја информираме јавноста дека за овој Предлог-закон ќе поднесеме два клучни и суштински амандмани, преку кои уште еднаш ќе се обидеме да ја одвратиме власта од својата намера и да ја извадиме на површина нивната лажна грижа за студентите, истакна Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на Стојаноски во целост:

Имено, првиот амандман е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, додека пак вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година, наместо до март 2023 година, како што предлага мнозинството.

Јавноста и студентите мора да знаат дека овие наши предлози, колегите пратеници од мнозинството во изминативе денови, ги одбија. Но, еве уште една можност за власта да се вразуми и да ги прифати нашите амандмански интервенции на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк.

Доста е од разно-разни лажни работни групи, средби, преговори, договори и преддоговори. Сега е време власта да покаже на дело дали за нив студентите се на врвот на приоритетната листа или пак се наоѓаат на самото дно заедно со останатите групи и категории на граѓани.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најавува жестока дискусија и аргументирана расправа за одбрана на интересите и потребите на студентите. Токму затоа, ја повикуваме власта да се вразуми и да ги прифати нашите предлози и забелешки.

Власта барем денес, на Меѓународниот ден на студентите, мора да сфати дека студентите се темелот на иднината на државата. Власта барем денес, мора да покаже дали заложбите и намерите им се искрени и вистински или пак празни и лажни.

извор: ВМРО ДПМНЕ