Меморандум за разбирање меѓу грчката и египетската Влада за соработка во областа на воздухопловната и поморската потрага и спасување, како и билатерален договор за 5.000 сезонски работници потпишаа во Каиро надлежните министри од Грција и Египет, јави дописничката на МИА од Атина.
Министрите за одбрана на двете земји, Никос Панајотопулос и Мохамед Заки го потпишаа меморандумот за соработка за воздухопловна и поморска потрага и спасување, а според Панајотопулос со договорот „се одредуваат границите на надлежност и областите на одговорност за потрага и спасување помеѓу Грција и Египет, кои се идентични со воздушните простори (FIR) на Атина и Каиро со целосно спроведување и апсолутно почитување на меѓународното право”.
Дополнително, алтернативниот шеф на грчката дипломатија задолжен за европски прашања Милтиадис Варвицотис и неговиот египетски колега Ихаб Наср потпишаа договор за 5.000 сезонски работници, што предвидува влез и престој во Грција на работна сила од Египет за сезонско вработување во земјоделскиот сектор.
Меморандумот и договорот беа потпишани во присуство на шефовите на грчката и египетската дипломатија Никос Дендиас и Самех Шукри кои паралелно одржаа и билатерална средба.
извор: МИА