Ладен туш од Португалија: ЕУ не може да ги исполни очекувањата за проширување на земјите од Западниот Балкан

0
188

Европската Унија не може да ги исполни очекувањата на Украина и на земјите од Западниот Балкан за нивно вклучување во ЕУ како полноправни членки, изјави португалскиот премиер Антонио Коста на завчерашната конференцијата во организација на Си-Ен-Ен Португалија.

Во разговор со португалската редакција на Си-Ен-Ен, Коста се осврнал пред се на Украина, која се надева дека ќе добие брз прием во ЕУ, како европски одговор на војната што ја отпочна Русија. Но, Коста ги посочил и балканските земји, за кои рекол дека досега добиле многу ветувања од ЕУ, и предупредил дека мора да ги намалиме очекувањата.

– Критериумите на ЕУ за прием на нови членки се многу јасни. Но, за жал, ние немаме критериуми со кои ќе го оцениме нашиот капацитет да примиме нови членки. Треба да бидеме јасни пред кандидатките. Во сегашната институционална структура, со сегашната буџетска архитектура, Европската Унија не е во позиција да ги исполни очекувањата кои ги поттикна, изјави Коста.

Португалија беше една од најактивните членки на ЕУ во подготвување на новите обврски кон Македонија, со цел да се задоволат бугарските барања.

Португалскиот предлог му претходеше на францускиот предлог, кој сега стана обврска што целата ЕУ и ја наложува на Македонија – да ги прифати бугарските барања во полето на Уставот, историјата и, по се изгледа, и идентитетот. За време на овие преговори, додека Португалија беше претседавач со ЕУ, португалската министерка за Европа Ана Паула Закаријас даде крајно контроверзна изјава во која за „јазикот на Македонија“ рече дека низ историјата бил дел од бугарскиот јазик.

фото: Архива