Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека е објавен повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира добивање на месечен паричен надоместок за оброци од околу 2.400 денари за девет месеци во годината.
Рокот за пријавување за тековните студенти започнува утре и ќе трае до 3 декември, а аплицирањето се врши електронски преку порталот „е-услуги“. Како што соопштија од МОН, на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните високообразовни установи кои се државјани на Република Северна Македонија.
Притоа, апликантите треба да ги исполнат и условите: да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Потребните обрасци за аплицирање студентите можат да ги најдат во објавениот повик на интернет-страницата на МОН, а Министерството по службена должност ќе ги обезбеди сите останати докази за исполнување на условите, кои ги поседуваат другите институции како МВР, АВРМ, УЈП и факултетите.
По завршување на рокот за пријавување, секој апликант од страна на МОН ќе биде известен за статусот на пријавата по електронски пат. Годинава, исплатата ќе се реализира ретроактивно за периодот од 15 септември.
Од Министерството додаваат дека Секторот за ученички и студентски стандард нуди непосредна поддршка за аплицирањето на повикот за студентите преку електронската адреса subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на МОН.
Субвенционираниот студенски оброк оваа академска година го одбележаа низа контроверзии, откако во Собранието се најде предлог-закон кој предвидуваше построги критериуми што студентите требаше да ги исполнуваат за да бидат корисници на оваа мерка. По реакциите во јавноста, студентските претставници се сретнаа со пратениците, МОН и премиерот Ковачевски, каде ги упатија своите барања за олабавување на условите, додека истиот ден пред Собранието протест одржаа десетици студенти. По средбата беше најавено дека и годинава ќе важат истите услови како и минатата година.
Финансиската поддршка од 120 денари дневно ќе им се исплаќа на студентите за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови. Студентите ќе ги добиваат овие средства на своите трансакциски средства на месечно ниво до 15 март, по што е предвидено во пракса да се примени системското решение.
извор: МОН