– Инцидентите како последниот со кршењето на стаклото на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид влијаат на билатералните односи, но не и на работата на Исторската комисија, бидејќи ние имаме свој научен пристап за решение на проблемите, изјави денеска во Скопје копретседавачот на бугарскиот тим историчари Ангел Димитров пред почетокот на новата средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
– Тоа е еден брутален чин на омраза, додаде Димитров, во одговор на новинарско прашање за коментар за синоќешниот инцидент во Охрид.
Во однос на темите на средбата, што денеска и утре ќе се одржува во Скопје, тој посочи дека тоа се истите кои разговараат со македонските колеги на последните неколку средби.
– Тоа значи дека нема напредок, а дали ќе има ќе видиме денеска. Оптимист сум и секогаш очекувам нешто добро, рече Димитров.
Се очекува на средбата во Скопје историчарите да дебатираат за учебниците по историја за 7-мо одделение и за Гоце Делчев.