Операција против наркотици во Албанија: Запленети 430 килограми кокаин и приведени 10 лица

0
168

Во Албанија, во рамки на операцијата против наркотици, запленети се 430 килограми кокаин, а 10 лица се приведени, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Количеството наркотици, кое според властите е вредно околу 40 милиони евра, е запленето во округот Фиер и откриено во палети со вештачко ѓубриво, кое потекнува од Колумбија.

Во соопштението на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал во Тирана се истакнува дека овој случај го истражувале Албанската полиција и Националното биро за истраги на Албанија (БКХ), во соработка со црногорските власти, како и во постојана координација со неколку странски безбедносни служби.

„Запленети се 20 палети со околу 24 тони „вештачко ѓубриво“, за кои, врз основа на докази, постојат основани сомнежи дека содржат количество од околу 430 килограми наркотична супстанција од типот кокаин, кој бил наменет за продажба на малопродажниот пазар“, се вели во соопштението, во кое се додава дека вредноста на ова наркотично средство изнесува 40 милиони евра.

Според властите во земјата, количеството ѓубриво, во мај 2022 година, откако било натоварено во контејнерот, со транспортен брод било испратено до пристаништето во Пиреја, Грција, каде што пристигнало на почетокот на јули 2022 година, а оттаму со транспортен брод по три дена било испратено во Црна Гора, па во септември 2022 година со камион било транспортирано на територијата на Албанија.

Во соопштението се истакнува дека по царинењето на товарот со ѓубриво, тоа било распределено во различни места во Албанија, а на 24 ноември 2022 година било запленето во Фиер.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).