Првите соработници на Мицкоски стануваат министри?

Интензивно течат преговорите за новиот владин состав меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВРЕДИ, брифираат извори од двата политички субјекти.

Од информациите што стигнуваат во јавноста, веќе се наѕираат и контурите на новиот владин состав, објави 24info.mk.

Како министри од ВМРО-ДПМНЕ се спомнуваат доста блиски соработници на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Според изворите од ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателите Тимчо Муцунски, Александар Николовски и Гордана Димитриевска Кочовска треба да ги заземат првите позиции во Министертвото за надворени работи, за внатрешни работи, односно за финансии.

Во МТСП и МИОА би останале досегашните Ѓоко Велковски и Стефан Андоновски, додека досегашниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски би министерувал со ресорот правда.

За коалицијата ВРЕДИ резервирани биле ресорите здравство каде би се вратил Фатмир Меџити, потоа образование и наука, култура и Министерството за животна средина.

Покрај овие четири министерства ВРЕДИ би добила и спикер во Собранието (најверојатно Африм Гаши) но и околу 300 директорски места во рамки на државната управа.

Според најавите и од ВМРО-ДПМНЕ и од ВРЕДИ веќе следната недела би се знаел целокупниот состав на Владата и ако тоа навистина се случи така, тогаш мандатарот Мицкоски не би го чекал рокот од 20 дена по конститутивната седница за формирање Влада, туку можно е Влада да се избере и во истиот ден откако Собранието ќе се конституира.

извор: 24info.mk