Тетовските волонтери од Социо-културниот центар (СКЦ-Тетово) вчера не можеле да влезат во просториите каде што ги вршат своите активности откако им била променета бравата на влезната врата на објектот.
Тие обвинуваат дека промената на бравата ја направиле вработени во Општина Тетово, кои од нив побарале да ја отстранат целата опрема која ја имаат во просториите кои се наоѓаат во поранешниот објект на Радио Тетово.
Од СКЦ-Тетово споделија и видеоснимка од моментот кога лица ја отвораат вратата и ја менуваат бравата на објектот, откако претходно волонтерите го дале клучот на други лица поради организација на изложба. Од Центарот велат дека случајот го пријавиле во полиција.
„Утрово нашите волонтери се соочија со уште еден типичен чин на вандализам и насилство, откако, како што се сомневавме, влезната брава беше променета. Веднаш ја информиравме полицијата за случајот, додека групата, кои се претставија како општински административци, побара од нас да ја отстраниме нашата опрема, што не го прифативме. Бараме оваа група веднаш да го ослободи просторот и да дозволи младите луѓе да продолжат со нивните закажани настани, додека правните власти што побрзо да го решат овој случај на менување на брава и насилно влегување во туѓ простор“, напишаа волонтерите на Фејсбук.
Социо-културниот центар – Тетово веќе повеќе од еден месец е во конфликт со општинската власт, тврдејќи дека администрацијата сака нелегално да ги отстрани од просториите каде функционираат со години.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, пак, ги обвини волонтерите за манипулација и обид да ги присвојат просториите кои им биле дадени на користење, додавајќи и дека за активностите на здружението добиле поплаки од родители.
видео: ФБ Social Cultural Space Tetova