Сообраќаен колапс во Скопје: Протестираат приватните превозници бараат да им биде исплатен натрупаниот долг кон нив

Приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со блокада од околу 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, бараат да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Приватните превозници тврдат дека Јавното сообраќајно претпријатие, кое е под надлежност на Град Скопје, им должи околу милион и пол евра, за автобускиот превоз во градот и прстот за вината го посочуваат кон градоначалничката Данела Арсовска.

Превозниците велат дека нема да ја прекинат блокадата додека не наидат на позитивен одговор од градот, за исплата на долговите кон нив.

Воедно, на утринското обраќање до граѓаните, побараа помош и од премиерот Димитар Ковачевски, како и од претседателот Стево Пендаровски. Имаше повици и за оставка на градоначалничката Арсовска.

Според договорот, приватниците од Градот треба да добиваат по едно евро за секој изминат километар. Но, како што тврдат, овој договор градските власти не го почитувале и три месеци не им ги префрлиле потребните исплати, кои се искачиле на 1,5 милион евра.

Кемал Муриќ од Слобода превоз, во изјава за МИА, рече дека блокадата е резултат од неправилното работење на Јавното сообраќајно претпријатие којашто, како што кажа, дозволи да се натрупа долг во износ од скоро 2 милиона евра кон нив.

Тој рече дека денеска се принудени да ја блокираат раскрсницата само за една цел, а тоа е да им бидат исплатени заработените средства и да бидат оставени да работат како што работеле до сега.

Наводите за злоупотреби за непријавени билети, Муриќ ги оцени како невистинити.

За денеска е најавено дека Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница за советнички прашање каде што се очекува да се донесе одлука за решавање на проблемот со приватните автобуски превозници.

извор: МИА, mk.voanews.com