ВМРО ДПМНЕ создава хаос во јавниот превоз во градот, вели градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Според Арсовска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е виновен за колапсот на јавниот превоз во Скопје.
Денеска на седница за советнички прашања во Град Скопје, советниците од сите политички партии бараа одговори од Арсовска и директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски зошто не се плаќа долгот на приватниците, поради што тие престанаа да возат и нема доволно автобуси на улиците, па со саати се чекаат возила на постојките.
Градоначалничката вели дека највисокото партиско ракводство на ВМРО ДПМНЕ ги прави сите опструкции за ова што се случува со јавниот превоз.
Вие имате повеќе информации за случувањата во ЈСП од мене и тоа кажува дека ова ви е организирано политички. Престанете со центарот на Мицкоски да правите проблеми во јавниот превоз. Некој намерно го опструира јавниот превоз. Ќе си има нов јавен повик за приватни превозници и секој кој ги исполнува условите може да конкурира. И Општина Бутел има долг кон нас, па ние и понатаму возиме за нив, а долгот ќе си го добиеме преку тужба. Така нека направат и приватниците, јас досега тужба од нив немам добиено, изјави Арсовска.
Утринава возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје и најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови додека не се реши проблемот кој го предизвика Арсовска.