Фондацијата Институт Отворено Општество на филантропот Џорџ Сорос ја затвора својата подружница во Скопје – дознава Радио Лидер од извори блиски до Њујоршката централа на организацијата.
Како што дознава Лидер, од централата на Сорос одлучиле проектите во Македонија да бидат опслужувани преку подружницата на фондацијата во Тирана.
Во исто време, нивниот извор тврди дека нема да бидат продолжени договорите на менаџментот во Скопје и на директорката Фани Каранфилова Пановска.
Фондацијата на Џорџ Сорос, со години инвестираше десетици милиони долари во проекти за развој на цивилното општество во земјава и зајакнување на институционалните капацитети.
Во изминатите години филантропските активности на оваа фондација, беа предмет на низа коментари, контроверзи и теории на заговор од медиумите и политичките чинители во земјава.
Како што дознава Радио Лидер, затворањето на канцеларијата во Скопје нема да значи дека оваа фондација веќе нема да има проекти во Македонија. Проекти ќе има во намален обем и тие ќе одат преку Тирана.
извор: Радио Лидер