Евакуирани осум скопски училишта по дојави за поставена бомба

Во осум скопски средни училишта денеска се евакуирани ученици поради нови дојави за поставени бомби. За прв пат пристигнала и дојава за поставена бомба во основното училиште “Петар поп Арсов”. Основното училиште во Карпош е евакуирано, а како и во останатите училишта, полицијата врши проверки.

„На 01.12.2022 година околу 15:20 часот добиена е пријава и од едно основно училиште дека на електронската адреса на училиштето стигнала закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.

Дојавите за поставени бомби биле испратени на електронските пошти на средните училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

Од МВР велат дека веднаш по добиените пријави се преземени мерки за евакуација на училиштата.

„Во тек се и антитерористичките проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

извор: МВР