Објавени добитниците на највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“-Патрон на градот и повелбата „Св. Климент Охридски“ за 2022 година.
Оваа година, наградата за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во општествениот живот, кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот, се доделува на Неговото Вископреподобие Архимандрит Нектариј, игумен на Манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид.
Земајќи го во предвид предлогот на стручната комисија и општо познатите факти за долгогодишните остварувања и врвни достигнувања за време на неговиот повеќе-децениски јеромонашки чин во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид. За неговото несебично залагање за возобновување на манастирот, кој прераснува во еден од најголемите духовни и културни бисери во Европа. За неговата истрајност во верата и помошта на верниците, за промоција на македонската црква, вера и промоција на културниот и верскиот туризам на Охрид во светски рамки, како и за севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и во светот.
Повелбите пак се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во равојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.
Повелбата Патрон на градот Охрид „Свети Климент Охридски“ годинава се доделува на Димче Каневче, Летка Филипова, Задружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС БАЛКАН МЕДИА“ и Здружението за мултикултурна интеграција „ИНКЛУЗИЈА“.
Претставникот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Наум Јамандиев на денешната прес-конференција образложи за деталите на одлуката за доделување на повелбата.
-Ми претставува посебно задоволство и чест во името на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија и во името на Советот на Општина Охрид да ги соопштам годинешните добитници на Повелбата – Патрон на градот „Св.Климент Охридски“.
До комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Општина Охрид пристигнааа и беа разгледани 13 апликации. Комисијата во состав Перчо Божиноски- претседател, Бојан Михајловски- заменик претседател и членовите, Горан Стојаноски, Наум Јамандиев и Арбен Демироски одлучија повелбата „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид“ за 2022 година да се додели на четворица добитници:
-Димче Каневче за неговата добротворна работа и спроведените хуманитарни акции за помош на социјално загрозените семејства.
-Летка Филипова за нејзите неуморни хуманитарни и општествени трудови за помош на многу социјално загрозени семејства и поединци. Нејзиниот придонес е значаен за воведување на Бадниковата поворка за навестување на христовото раѓање.
-Задружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС БАЛКАН МЕДИА“ Охрид за реализација на повеќе проекти за помош и поддршка на лицата со телесен инвалидитет.
-Здружението за мултикултурна интеграција „ИНКЛУЗИЈА“ Охрид за многубројните спроведени проекти наманети за младите луѓе, за развојот на младинската свест, за поттикнување на младинскиот активизам и за соработка помеѓу младите етнички заедници во Охрид и Македонија.
Упатуваме искрени честитки до добитниците со желби за уште поголеми успеси во иднина, истакна Јамандиев во своето обраќање.