Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА во однос на предлог Буџетот за 2023, истакна дека тој треба да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, додека од друга страна треба да постави основа за економско заздравување, а потоа и забрзување на економскиот раст.
„Изминатите три години светот се соочува со крупни економски проблеми. Точна е и вашата констатацијата, декa трета година по ред Владата предлага буџет во услови на глобална економска криза. Во таа насока, Буџетот за 2023 година има специфична задача. Од една страна тој треба да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, додека од друга треба да постави основа за економско заздравување, а потоа и забрзување на економскиот раст. Истовремено, Предлог-буџетот за 2023 година е во линија со нашата определба за фискална консолидација, а во насока на обезбедување фискална одржливост. Да бидам поконкретен, овој предлог-буџет треба да обезбеди: сигурност и стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст. Фокусот на овој предлог-буџет е во неколку столба и тоа: справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот”, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски, додаде дека Буџетот не само што е реален, туку е и рационален, скроен да одговори на предизвиците поврзани со енеретската криза, да се врши редовна исплата на плати, пензии, социјални надоместоци.
„Докажавме дека сите обврски непречено и навремено се сервисираат, што е неопходно за функционост на државата во услови на најголемата светска енергетска криза. Планирани се повеќе средства за повисоки пензии, за поттикнување на приносите и производството во земјоделството, за усогласување на платите со минималната, но и за развој на економијата преку инвестиции во инфраструктурата и поддршка на приватниот сектор. Обезбедени се средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост. Предвидени се и зголемувањата на платите во образованието. Гледано во износи, предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5% економски раст.
За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени. За плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра. За здравството како систем се планирани 685 милиони евра. Дополнително планирани се 433.9 милиони евра поддршка за општините, како и 800 милиони евра за капитални инвестиции” рече Ковачевски и додаде дека во оваа криза никој нема да биде оставен сам, државата е тука за да обезбеди функционален систем, за сите граѓани.
извор: Влада