Поминаа 2 месеци откако ја отворивме аферата Броило, а одговор од институциите нема.
Премиерот Димитар Ковачевски беше во средина на оваа афера преку која се свртени над 26 милиони евра од фирмите Пиксел груп, на која основач е самиот тој, КМГ ЕОЛ Квазар, основана од неговиот кум Горан Паунов и АЕ СОЛАР АД од Тетово, истакна на денешната прес конференција Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Да потсетиме целиот овој картел почнува со доаѓањето на СДС на власт. Ковачевски и Паунов ја формираат Пиксел груп неколку месеци откако Зоран Заев ќе направи влада, и набргу потоа градат цела фабрика.
Преку Пиксел груп тие во тој период од владата земаат 443.285 евра и уште 70 илјади евра преку Фондот за иновации. Во најголемиот дел од периодот кога државата и исплаќа пари на Пиксел груп, Ковачевски е заменик министер за финансии. Додека пак најголемата исплата од над 200 илјади евра се случува на 30 декември 2021 година, во време кога Ковачевски е мандатар за состав на нова влада.
Понатаму аферата Броило се разгранува и преку КМГ ЕОЛ Квазар кои како фирма за изведување и други услуги добила тендери од државата во висина од околу 2 милиони евра за инсталирање на соларни панели, и тоа откако СДС е власт. Уште еден бизнис од над 2 милиони евра е и договор склучен помеѓу фирмата на кумот на Ковачевски и ЕВН за изградба соларни централи за ЕВН по принципот клуч на рака.
4 милиони евра само во договори со државни институции, претпријатија и фирми каде државата има интерес за фирмите околу Ковачевски, и тоа во време додека истиот е на функција.
Целиот овој систем свој пик достигнува откако Ковачевски е избран за премиер. Имено неколку месеци по назначувањето на Ковачевски на премиерската функција од него основана Пиксел груп заедно со уште една бугарска фирма ја формира АЕ Солар АД Тетово, која треба да гради фабрика во ТИРЗ Тетово од 54 милиони евра.
Во АЕ Солар АД Тетово, фирмата основана од Ковачевски има удел од 40%. Тоа е инвестиција од скоро 22 милиона евра кои треба да ги инвестира истата.
Постои сериозен сомнеж дека Димитар Ковачевски кој во овој период бил носител на јавна функција можел да влијае на процесите и со тоа да ја донел оваа фирма во надредена положба над другите учесници во деловното работење.
Отворено e прашањето дали сега ДКСК ќе се одважи и ќе отвори предмет за овој скандал. Исто така, бараме и од ЈО да не го игнорираат овој случај и да отворат постапка.
Но, останува неизбежен фактот дека криминалот и корупцијата се случува во врвот на власта и оваа власт знае да владее и функционира единствено преку задоволување на своите приватни бизнис интереси.
извор: ВМРО ДПМНЕ