Партиите со консензус треба да донесат национална стратегија, со која на корупцијата ќе се гледа како на национално предавство, смета Владимир Пивоваров, безбедносен експерт и актуелен Национален координатор за гранично управување. Тој предупредува дека корупцијатадиректно влијае и на безбедноста на една држава.
„Во октомври годинава во Брисел ја почнавме објаснувачката сесија за полноправно пристапување во ЕУ. Директивите на ЕУ во делот на интегрираното гранично управување укажуваат на безбедноста на границите. Секако, доколку сакаме да имаме безбедни граници, нема место и простор за корупција на истите“, вели националниот координатор.
Посочува дека што поскоро треба да се преземат конкретни мерки против „канцерогената болест“, не само поради аспирациите за полноправно членство во ЕУ, туку, пред сѐ, поради самата земја.
„Прво, политичките партии со консензус по ова прашање треба да донесат национална стратегија, со која на корупцијата ќе се гледа како на национално предавство. Имено, во 1969 година, израелската премиерка Голда Меир корупцијата ја издигна на ниво на национално предавство, со најстроги санкции. Токму по нејзиното тригодишно владеење, со намалување на корупцијата, Израел израсна во безбедносно и економски силна држава“, посочува Пивоваров.
Потегот на израелската премиерка, која далеку пред Маргарет Тачер го доби епитетот „челичната дама“, е позитивен компаративен пример, но прашањето е дали, кога и како ќе се создаде „челична волја“ во РСМ за решавање на овој проблем. Според Пивоваров, важно е да утврдат сегашните слабости.
„Од мојата долгогодишна практика увидов дека колку и да апсите криминални службеници, поради недостиг на ефикасно спроведување на судската практика, репресијата во функција на превенција не ги дава очекуваните резултати. Од уапсени деведесетина царински службеници и толку полициски службеници, само 3% завршија со осудителна пресуда. Ваква е сликата и во регионот. За жал, кај нас последнава година за случаи на докажана корупција (видео снимки, процесуирани пари дадени како поткуп) пресудите беа условна казна. Доколку имаме ваква казнена политика тогаш само ја поттикнуваме корупцијата, а нема да можеме да ја спречиме. Вообичаено ударна вест во медиумите е токму лишувањето од слобода на корумпирани државни функционери и државни службеници, но никогаш медиумите не ја следат судбината на кривичната пријава – дали е осудителна или ослободителна“, забележува Пивоваров, на недоволната посветеност во следењето на овие постапки од почеток до крај.
Кога се зборува на кое ниво се одвива корупцијата, тој укажува дека не треба да се бараат изговори дали таа е на високо или на пониско ниво, бидејќи секое ниво таа е штетно за државата и тој проблем треба да се решава пред да биде предоцна.
Лани на светскиот конгрес за гранично интегрирано управување во Атина, но и на состанокот во Брисел, предложил интегритетот на ризичните работни места да се утврдува со помош на полиграф.
„Знам дека ваквиот, а и секој предлог за решавање на корупцијата, ќе биде дочекан на нож. Меѓутоа општествениот интерес е многу голем и потребно е да се направи дерогација на правото. Впрочем, сите денешни разузнавачки и контраразузнавачки служби го користат овој метод, а како пример кој дал извонредни резултати во борба со корупцијата ќе ја наведам Турција. Претседателот Ердоган, со смена на граничните службеници и носење на нови службеници со интегритет, неколкукратно го зголемил БДП на годишно ниво“, споредува Пивоваров.
Со какви сознанија си замина тимот од Вашингтон?
За корупцијата и битката со неа, ќе се разговара и денеска (14.12), на регионалната конференција во Скопје што ја организира вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал. Целта е да се унапреди соработката на земјите од Западен Балкан во борба против корупцијата и незаконските финансии во регионот, во контекст на Берлинскиот процес. Покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, ќе присуствуваат и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.
А тимот за санкции од Вашингтон, кој пред една седмица дојде во Скопје, веќе се вратил во САД. Во наредниот период ќе стане појасно со какви сознанија си заминале од Скопје овие претставници од Одделот за контрола на странски капитал при американското Министерство за финансии (OFAC). Од амбасадата на САД во Скопје за повеќе медиуми соопштија дека кога државниот секретар ќе добие веродостојни информации дека актуелен или поранешен функционер на странска влада бил вмешан, директно или индиректно, во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, секретарот има обврска да го назначи или идентификува тој службеник и неговиот непосреден член на семејството врз основа на членот 7031(в).
Станува збор за одредби во Поглавјето од Законот за апропријации за програми на Стејт Департментот, странски операции и сродни програми, според кои, на листата на санкции (т.н. црна листа) се вклучуваат одредени лица за кои постојат кредибилни информации дека се вмешани во коруптивни активности, преку злоупотреба на нивното политичко влијание и службена моќ за лична корист.
„Стејт департментот ќе продолжи да ги користи овие овластувања и сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво. Во зависност од конкретните околности, некои назначувања се прават јавно, а други приватно“, најавија од амбасадата на САД.
Дојче Веле