Сцената е веќе видена. Судот го осуди успешниот градоначалник на Истанбул од редовите на опозицијата и му изрече доживотна забрана за политичка дејност. Пресудата е политички мотивирана, коментираше подоцна градоначалникот. Ова се случи пред 24 години. Името на тогашниот градоначалник беше Реџеп Таип Ердоган.
Вчера имаше речиси иста случка. Судот во Истанбул го осуди актуелниот градоначалник на две години и седум месеци затворска казна поради навреда – пресуда која значи забрана за политичка активност во иднина. И сегашниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, вели дека пресудата е политички мотивирана.
И покрај некои утки, Имамоглу и натаму е еден од омилените политичари во Турција. Со Ердоган не го поврзува само иста пресуда, туку и неговата биографија. Двајцата потекнуваат од регионот на Црното Море, кој традиционално е настроен конзервативно-националистички. Имамоглу исто така потекнува од скромно семејство, учел во медреса и играл фудбал. Но, тука сличностите престануваат. За разлика од Ердоган, за чие образование се шпекулира и по 20 години, Имамоглу има диплома за бизнис администрација.
Ќе се кандидира ли Имамоглу на претседателските избори?
Имамоглу ѝ припаѓа на најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија ЦХП. Таа направи историски чекор креирајќи сојуз со пет опозициски партии и тие работат на заедничка програма за следните претседателски и парламентарни избори. Оваа алијанса сѐ уште не објавила кој е можниот противкандидат на Ердоган, што ги прави уште понервозни актуелниот претседател и неговата АКП, бидејќи не можат да развијат соодветнастратегија за изборите. Според анкетите, двајца политичари може да претставуваат опасност за актуелниот шеф на државата, Ердоган. Еден од нив е токму Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул, кој беше осуден во средата.
Dojce Vele