Поранешна нацистичка секретарка осудена за соучество во убиство над 10.000 луѓе

Судот во Ицехо во покраината Шлезвих-Холштајн и пресуди двегодишна условна затворска казна на 97-годишната Ирмгард Ф. Таа беше обвинета дека била дел од апаратот кој управувал со концентрациониот логор Штутхоф за време на Втората светска војна, објави DW.

Обвинителството ја товареше за „помагање и поттикнување на одговорните во логорот во систематското убивање на затворените во него во периодот меѓу јуни 1943 и април 1945 година во нејзината функција како стенограф и дактилограф во канцеларијата на командантот на логорот.“

Ирмгард Ф. беше обвинета за соучесништво во 11.412 убиства и за соучесништво во уште 18 обиди за убиство. Изречената пресуда е токму таква каква што бараше обвинителството. Одбраната на обвинетата тврдеше дека е таа невина и побара ослободителна пресуда. Според одбраната, доказите не упатуваат без никаков сомнеж дека Ирмгард Ф. знаела за систематските убиства во логорот, и дека не е докажана намера како што предвидува Кривичниот законик.

Во нејзината завршна изјава Ирмгард Ф. рече дека и` е жал за тоа што се случило и дека жали што била во Штутхоф во тој период.

На Ирмгард Ф. и беше судено во суд за малолетници затоа што во периодот додека му била секретарка на нацистичкиот командант имала помалку од 21 година. Обвинетата се обиде да го избегне судењето на почетокот на септември, но потоа беше доведена со полициска придружба во судот и мина неколку дена во притвор.

Логорот Штутхоф бил користен како „камп за работничко образование“ и најчесто во него на принудна работа биле испраќани полски и советски граѓани. Повеќе од 60 илјади луѓе биле убиени во логорот, а меѓу нив имало политички затвореници, осомничени криминалци, осомничени хомосексуалци и Јеховини сведоци. Егзекуциите биле извршувани со смртоносни инјекции полни со бензин или фенол кои биле вбризгувани директно во нивните срца, со стрелање или со прегладнување. Други затвореници биле држени надвор без облека во зимски услови додека не премрзнат, а дел биле задушени во гасни комори.

извор: DW