ВМРО ДПМНЕ: Власта молчи каква е поврзаноста на Зарко Милошевски со настаните од 27 април 2017-та и зошто не сносел одговорност

Молкот на Ковачевски и на Зечевиќ за скандалите на новиот директор на АНБ многу зборуваат. Имено новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски кој е директен избор на Ковачевски и Зечевиќ е лице поврзувано со многу афери и професионални неуспеси, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме истото во целост:

Зарко Милошевски е началник во единицата за борба против екстремизам во УБК во време на настаните од 27 април 2017-та година и тоа од власта не го негираат. Ако бил, зошто Милошевски не беше обвинет исто како и други лица за настаните, кои обвинителството ги класифицираше како тероризам? Дали и каква улога имал Милошевски во настаните од 27 април 2017-та година? Дали и како постапувал Зарко Милошевски во тој период?

Да посетиме Зарко Милошевски има голем негативен багаж во својата кариера. Имено тој е потписникот на документот со кој му се овозможило државјанство на Онишченко, лицето од американската црна листа. Исто така, Милошевски бил Помошник директор во АНБ и кога 215 криминалци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи.

Како  началник на единицата за екстремизам  во УБК во 2015 година во текот на акцијата на македонската полиција во Диво Насеље не дал прецизни проценки за групата со која се судрија безбедносните сили и за ова беше посочувано од страна на безбедносни експерти.

И на крајот, Зарко Милошевски бил дел од тимот началници на УБК во 2015, период за кој се поврзува скандалот со нелегалното прислушкување.

Сите овие минуси одат на контото на Милошевски но и на Ковачевски, бидејќи покрај сето горе наведено  го избира токму него на оваа функција. Причината е јасна, во Владата не се воделе според квалитетот и интересите на Македонија и граѓаните, туку се воделе од партиските интереси. Изборот на Милошевски е само продолжение на партизацијата и упропастувањето на безбедносниот сектор во Македонија. После нека не се чуди Ковачевски каква е безбедносната состојба. Затоа и за овој избор и за сите останати кадровски промашување се бара одговорност токму од него.

извор: ВМРО ДПМНЕ