Резултати од пописот: Србија има речиси 500.000 жители помалку од 2011 година

0
186

Според првите резултати од пописот на населението, домаќинствата и становите во 2022 година, во Република Србија живеат 6.690.887 жители. Во однос на пописот од 2011 година, вкупниот број жители е намален за 495.975 или за 6,9 отсто, јавува Агенција Анадолија (AA).

„Намалување на бројот на жители е забележано во сите региони (околу 10 отсто), освен во Белградскиот Регион, каде што бројот на жители е зголемен за околу 1,6 отсто“, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Република Србија, кој ги објави првите резултати од пописот.

Со пописот од 2022 година се собрани податоци за 2.520.854 домаќинства и 3.628.175 станови.

„Не е забележана значителна промена во вкупниот број домаќинства (пораст од 1,33 отсто), додека вкупниот број станови е зголемен за 12,26 отсто во однос на пописот од 2011 година. Најголем пораст на бројот на станови е забележан во Белградскиот Регион (18,55 отсто)“, покажуваат резултатите од пописот.

Од Заводот потсетуваат дека пописот е спроведен од 1 до 31 октомври 2022 година. Во неколку поголеми градови собирањето податоци на терен беше продолжено до 7 ноември. Исто така, граѓаните кои од која било причина не биле пријавени, имаа можност телефонски да се пријават до 17 ноември 2022 година.

„Со оглед на целта на пописот на населението – да се обезбеди сеопфатна слика за целокупното население – во согласност со позитивната меѓународна практика, базата на податоци добиена со директно попишување е дополнета со податоци од административната евиденција“, наведуваат од Заводот и додаваат дека пописот не е спроведен на територијата на Косово.

Првите резултати од пописот содржат основни податоци за вкупниот број попишани лица, бројот на жители, домаќинства и станови, според состојбата на 30 септември 2022 година. Конечните резултати од пописот ќе се објавуваат сукцесивно, од април 2023 година до јуни 2024 година.

извор:Агенција Анадолија (AA).

фото:Агенција Анадолија (AA).