Вработените во британската служба за брза помош започнаа масовен штрајк

0
264

Над 10.000 вработени во Брзата помош во Англија и Велс денеска стапија во штрајк, а јавноста е предупредена дека за време на штрајкот не можат да ја гарантираат сигурноста на пациентите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во штрајкот ќе учествуваат и 25.000 болничари, како и персоналот од контролните соби и помошниот персонал.

Вработените во службите за брза помош и некои синдикати на Националната здравствена служба (NHS) гласаа за стапување во штрајк поради наметнатото од Владата покачување на платите од 4 отсто. Вработените побараа покачување на платите над процентот на инфлацијата.

Инфлацијата во земјата се намали на 10,7 отсто во ноември, од 11,1 отсто во октомври, највисока од октомври 1981 година.

Во меѓувреме, штрајковите во Шкотска беа прекинати откако шкотската Влада се врати на преговарачката маса, по што некои синдикати ја прифатија понудата за зголемување на платата во просек за 7,5 отсто, што останатите сè уште ја оценуваат.

За „Скај њуз“ (Sky News), министерот за здравство, Стив Баркли, говореше за тоа дали да го стори истото, нагласувајќи: „Една од големите заблуди за договорот во Шкотска… не е едноставно 7,5 отсто. Ако ги додадете сите други мерки во однос на намалување на часовите, дополнителниот годишен одмор, промените во начинот на кој се решава прекувремената работа, заштитеното време за учење, всушност, цената за тоа е многу поголема и, како што велам, еден од синдикатите го отфрли и тоа.“

Во напис за „Дејли телеграф“ (The Daily Telegraph), Баркли, исто така, истакна: „Сега знаеме дека плановите за вонредни состојби на НХС нема да ги опфатат сите повици од 999. Синдикатите на брзата помош направија свесен избор да им нанесат штета на пациентите.“

Метју Тејлор, главен извршен директор на Конфедерацијата на НХС, изјави за „Би-би-си“ (BBC Breakfast): „Овие штрајкови се надополнуваат на фактот дека веќе се наоѓаме во многу предизвикувачка ситуација.“

Речиси 750 припадници на Вооружените сили се ангажирани низ целата земја да помогнат поради штрајкот, иако нивната улога ќе биде ограничена. Тие во најголем дел ќе ги возат возилата на Брзата помош.

Велика Британија моментално доживува бран штрајкови во индустријата, но и на медицинските сестри, поштенските работници и универзитетските предавачи, предизвикани од зголемените трошоци за животот, предизвикани од зголемената инфлација и влошената економска ситуација.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).