Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија денешната комисиска седница на чиј дневен ред како единствена точка е информацијата за превземени мерки и активности во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи, поради тоа што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Комисијата, Миле Талевски побараа седницата да биде затворена за јавноста.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во изјава за медиумите по напуштањето на седницата рече дека како опозиција побарале „да не се кријат, туку да разговараат за тоа кои се системските пропусти во МВР кои доведуваат до вакви ситуации“.
Денеска се докажа дека главата на организираниот висок криминал е во високите структури во МВР. Сметавме дека седницата може да се подели во два дела, односно во првиот дел да разговараме за отворени работи, кои не треба да бидат класифицирани. Побаравме да разговараме како е можно МВР да нема капацитет да открие лажни дојави за бомби. Побаравме тоа да биде тема за расправа, а во вториот дел да расправаме за сите информации кои министерот смета дека се класифицирани, но нашиот предлог не беше прифатен – рече Петрушевски.
Тој нагласи дека решиле да неучествуваат „во ваков театар“ кој, според него, нема да заврши со одговорност. Петрушевски додаде дека опозициските пратеници немале увид во Информацијата за превземени мерки и активности во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи.
Проблемот е што целата седница бараа да биде затворена и ништо не може да биде обелоденето. Бегаат од одговорност и од јавноста. Информацијата што ја доставил министерот е класифицирана. Очекуваме да знаеме дека државата презела нешто, но ова што тие го бараат седницата да биде затворена, може да не наведе да мислиме дека не е преземено ништо. Се класифицира нешто што не мора да се класифицира – заклучи Петрушевски.