Жртвите, адвокатите и обвинителката во шок ја дочекаа пресудата со која сопствениците на „Слимлајн“ се прогласени за невини. Повеќе од 15 години, компанијата повеќе пати била фатена од надлежните инспекции како продава небезбедни суплементи кои содржеле антидепресиви, а во некои случаи и екстази како што е утврдено од надлежните институции во Србија. Во 2018 година осомничените биле правосилно и осудени поради дистрибуција на суплементи со штетни и недозволиви супстанци, но според судијката Андреевска обвинетите немале намера да ги измамат потрошувачите.
Судијката Славица Андреевска денеска ги ослободи од вина, „СЛЦ Груп“ и управителката Андријана Павловиќ кои обвинителството ги гонеше за кривично дело измама на потрошувачи. Во кусото објаснување на пресудата, судијката Андреевкса рече дека од презентираните докази се гледало дека „немало намера, ниту пак умисла за постоење на ова кривично дело“.
„Имало дозвола за увоз и имало одобрение за пуштање во промет. Андријана Павловиќ кога станала управител на друштвото само продолжила да работи за тоа што немало причина да ги проверува дозволите и документите. За системски пропусти не може да одговара едно лице“, рече судијката Андреевска.
По оваа пресуда „СЛЦ Груп“ ќе може да продолжи да ги продава таблетите за слабеење „Слимлајн адванс“ кои во својот состав имаат сибутрамин која е штетна по здравјето на луѓето.
Обвинителката Наташа Крстева Целева рече дека очекувала судот да ги осуди обвинетите и најави жалба до Апелацискиот суд.
„За се ова што го кажа судијката ние имаме понудено докази. Самиот факт дека АХВ поднесува кривична пријава за овој случај, кажува дека тие самите не можеле да излезат на крај со овој случај и со целата документацијата која била некредибилна и затоа побарале правна заштита. Целото образложение од доказите кои ги понудивме ќе ги преточиме во жалбата“, изјави обвинителката Крстева Целева за ИРЛ.
Таа во претходното рочиште кога ги кажуваше завршните зборови побара осудителна пресуда затоа што за првообвинетите веќе има пресуда во која тие се осудени на условен затвор, токму поради продажбата на суплементи кои содржат сибутрамин. Второобвинетата, пак, Андријана Павловиќ и покрај тоа што знаела дека во таблетите имало штетна состојка, продолжила да ги продава и воопшто не покажала чувство на вина и каење, но исто така побара судот да го цени фактот дека таа не била управител на фирмата во моментот кога се случило делото во 2017 година.
Жалба најави и Стојанче Геровски, адвокат на оштетениот ракометар Горан Кузмановски кој во 2018 година почнал да ги користи таблетите „Слимлајн адвансе“ и по 25 таблети паднал на тест за допинг. Во неговиот организам била пронајдена штетната состојка сибутрамин.
„Целосно сме изненадени од ваквата пресуда за случај во кој имаше релевантни докази од релевантни институции. Од овие причини со нетрпение го очекуваме образложението на пресудата. Иако на кратко судијката кажа на што ќе се темели пресудата, а тој став е дека не можело да се утврди намера не само од доказите, туку и од изјавата на второбвинетата. Јас можам да кажам дека нејзиниот исказ заедно со останатите докази сигурно ја покажува намерата. Тоа ќе бидат нашите ставови кои ќе бидат изнесени во жалбата која ќе ја поднесеме“, рече адвокатот Геровски.
Ракометарот Кузмановски изјави дека оваа пресуда за него е шок и дека не може да поверува дека судот донел ваква одлука.
„Нормално дека ми е криво затоа што ја изгубив кариерата, но во оваа конкретна пресуда не станува збор само за мене, туку и за сите други кои биле оштетени или пак можеби во иднина ќе одлучат да го купат овој производ. Се чувствувам како судот воопшто да не ги ценеше доказите предложени од Јавното обвинителство и Агенцијата за храна и ветеринарство, ниту пак мојот исказ или исказите дадени од другите сведоци предложени од обвинителството“, рече Кузмановски.
Обвинетите СЛЦ Груп и Андријана Павловиќ не беа приустни на читањето на пресудата.
Во истражувањето „Забранети суплементи за убавина и здравје“ кое го објави ИРЛ пред неколку месеци откривме дека суплементите на еден од најстарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ подоцна ребрендирана како СЛЦ Груп, биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење. Две години полицијата не можела да постапи по барањето на АХВ за да ја блокира веб-страницата на „Слимлајн“ за продажба на нивните производи. Со помошта на познати инфлуенсери на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, производите слободно се продавале и се консумирале, иако било донесено решение кое забранува пуштање во промет на производите пред да се направи анализа за присуство на сибутрамин.
По објавување на ова истражување ИРЛ доби десетици пораки со поплаки за „Слимлајн“. Дел од нив се жалеле и во АХВ во изминатите 12 години, а директорот на Агенцијата за ИРЛ потврди дека само минатите две години добиле две други поплаки покрај оние на ракометарот Горан Кузмановски за кои што се води судски спор.
irl.mk