Нема повеќе земање кредит за затворање на претходно доспеан во исто друштво

0
337

Поголема заштита на граѓаните, кои користат услуги на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва се дел од целите на измените на Законот за финансиските друштва, што ги предложи Министерството за финансии, а ги усвои Владата на последната седница. Со измените се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укинува можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а се укинува и можноста трговските друштва кои поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи, соопшти денеска Министерството за финансии.

Предложените измени предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит, ако трошоците кои не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуват 60 проценти од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на било каков начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги. Исклучок од ова се трошоците настанати во постапка за извршување и законската казнена камата. Финансиското друштво ќе има обврска задолжително транспарентно и јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или да го истакне на видливо место во своите работни простории.

 

novamakedonija.mk